Search

Честитка од претседателот Пендаровски по повод празникот Јом Кипур

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур, упати честитка до претседателката на Еврејската заедница во Република Северна Македонија, Берта Романо-Николиќ и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Северна Македонија.

Почитувана г-ѓo Берта Романо-Николиќ,

Јом Кипур има уникатно место во еврејскиот календар. Една од клучните пораки на овој празник на покајанието, искупувањето и помирувањето е дека не е предоцна за да се сврти нова страница во животот, да се биде благодарен за благословите во сопствениот живот и да се биде благослов во животите на другите луѓе и во општеството.

Вам, лично, и на сите припадници на Eврејската заедница во Република Северна Македонија од сè срце Ви посакувам овој „ден на деновите” да го поминете во добро здравје, среќа и љубов. Молитвите и постот нека Ви донесат утеха, духовен мир, поттик за добри дела што ги рушат бариерите меѓу луѓето и заедниците. Малите дела на добрина, хуманост и солидарност можат да направат голема разлика, особено во време кога се соочуваме со глобалната пандемија со Ковид-19. Затоа, иако малубројна, Еврејската заедница со своите вредности има голем удел во негувањето на човечкото достоинство и заемното почитување во македонското мултиетничко, мултијазично и мултиконфесионално општество.

На овој празник посакувам и понатаму сплотени да работиме на просперитетот на нашата заедничка татковина Република Северна Македонија и да дејствуваме за нејзин просперитет и напредок.

Треба да знаете
Последни објави