Search

Црногорската опозиција без договор за заеднички настап на изборите

Претставниците на црногорските парламентарни опозициски партии денеска не успеаја да постигнат договор за заеднички настап на претстојните парламентарни избори, јавуваат црногорските медиуми.

По неколкучасовни разговори, Демократскиот фронт го напушти состанокот и го обвини Граѓанското движење УРА дека ја уништило идејата за единствени опозициски листи, пренесе порталот ЦдМ.

Порталот наведува дека УРА предложила на списоците да се најдат само независни интелектуалци, како што се претставници на невладиниот сектор и на слободните медиуми, што било неприфатливо за другите учесници на состанокот.

Претставникот на Демократскиот фронт, Славен Радуновиќ, рече дека, и покрај напорите на партијата, не се дојде до заеднички список со кандидати.

„Имаше партии кои поставија одредени услови, а имаше партии што безусловно се за заедничка листа, вклучувајќи го тука и Демократскиот фронт. Добивме два услова што ги постави Демократска Црна Гора, многу непријатни за нас, бидејќи се однесуваа на сувереното одлучување за своите мандати и за луѓето кои ќе го претставуваат ДФ “, рече Радуновиќ по завршувањето на средбата, пренесува Вијести.

Претставникот на УРА, Милош Конатар, по средбата изјави  дека дискусијата се одвивала во нормална атмосфера и дека се презентирани различни погледи на борбата.

-Пред нашите колеги ние вчера ја ставивме и идејата за бојкот на претстојните парламентарни избори, затоа што сме свесни дека условите за изборите се лоши, рече Конатар.

Претставникот на Демократите, Драган Краповиќ, рече дека немало договор за заедничка листа и им посака среќа на другите партии на изборите.

Треба да знаете
Последни објави