Search

Цивил: Владата да донесе целосна забрана за работа во Штип и секаде каде што тоа е потребно

Имајќи предвид дека бројот на новозаболени од коронавирусот е во пораст, Цивил ја повикува Владата да донесе одлука за целосна забрана за работа во текот на полицискиот час за време на продолжениот празничен викенд.

Бројот на случаи на заразени од коронавирусот е во пораст токму меѓу работниците во приватниот сектор, особено во текстилната индустрија. Цивил преку соопштение ја повикува Владата да донесе строга забрана за работа во Штип, но и во други општини (Скопје, Куманово, Тетово…) каде што се бележи пораст на бројот на носителите и заболените од коронавирусот.

Како што се наведува во соопштението, Цивил во целост го поддржува предлогот на градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, кој побара забрана за работа во текстилните погони.

-Веруваме дека и други градоначалници ќе ја согледаат потребата од ваква забрана и дополнителни мерки за заштита, со што ќе се придонесе кон заштита од ширење на коронавирусот и негово целосно излегување од контролата. И покрај тоа што беше најавено привремено затворање на неколку текстилни фабрики во Штип и беше упатен апел за задолжителна самозиолација на вработените во овие конфекции, ризикот сѐ уште е висок, со оглед на фактот дека важат дозволите за работа за време на полициски час, посочуваат од Цивил.

Невладината организација ги повикува властите, особено МВР и инспекциските служби, да ги засилат напорите за максимално почитување на мерките и ограничувањата кои имаат цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Истовремено, Цивил бара доследно почитување на човековите права и слободи, на начин што во ниеден случај нема да бидат пречекорени или злоупотребени овластувањата на службените лица во текот на спроведувањето на мерките.

Треба да знаете
Последни објави