Search

Советниците на Трамп сметаат дека во САД од вирусот ќе умрат меѓу 100.000 и 240.000 луѓе

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази надеж дека Соединетите држави наскоро ќе забележат попуштање на кризата со коронавирусот во некои жаришта, но неговиот тим на здравствени експерти не е оптимистичен.

Најпогодената држава Њујорк вчера соопшти дека за прв пат во една недела починале малку помалку луѓе отколку претходниот ден. Но, бројката е сè уште голема со скоро 600 нови смртни случаи и над 7.300 нови инфекции.

„Можеби тоа е добар знак“, рече Трамп пред новинарите во Белата куќа.

Трамп ги смета овие бројки за индикација дека Американците почнуваат да ја гледаат светлината на крајот од тунелот.

Ентони Фаучи, експерт во тимот кој Трамп го состави за борба против коронавирусот, вели дека ќе бидат потребни неколку недели во кои луѓето ќе ги почитуваат одредбите за социјално дистанцирање и мерките за домашен престој за да се забави ширењето на вирусот.

Тој не се спротивстави директно на претседателот, кој често се критикува дека зазема попозитивен став отколку што е оправдано.

„Она што го слушате за потенцијално светло на крајот на тунелот не го порекнува фактот дека може да биде многу лошо утре и во следните денови“, рече Фаучи.

Здравствените експерти на Белата куќа проценуваат дека меѓу 100.000 и 240.000 Американци ќе умрат, дури и ако мерките доследно се спроведат.

Вчера, гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо изјави дека бројот на хоспитализации е за половина помал од претходните 24 часа, но предупреди дека сè уште не е познато дали кризата го достигнала својот врв во оваа сојузна држава, со 4.159 мртви и повеќе од 122.000 инфицирани.

Треба да знаете
Последни објави