Search

Само третина од Чесите повторно го сакаат Бабиш за премиер, 50 отсто го бараат Фијалу за мандатар

Само една третина од Чесите  сакаат претседателот Милош Земан, како што најави пред изборите, мандатот за формирање нова влада да му го довери на актуелниот премиер Андреј Бабиш

Според најновата анкета на агенцијата Медијан за чешкиот јавен радио сервис „Радиожурнал”, 50 проценти од испитаниците бараат шефот на државата да се откаже од својот план и веднаш за премиер да го именува лидерот на победничката коалиција „Заедно” на конзервативците, демохристијаните и либералите, Петар Фијалу.

Бабиш, чија партија АНО беше тесно поразена на редовните парламентарни избори, нема со кого да формира мнозинска влада.

„Заедно”, коалицијата која освои најмногу гласови на изборите, но со пребројување на гласовите за места во пропорционалниот изборен систем има еден пратеник помалку од поразената партија на премиерот Бабиш, пред изборите се договори дека во случај на победа ќе формира влада, во коалицијата на Пиратската партија и независните градоначалници СТАН, а во новиот состав на Претставничкиот дом на чешкиот Парламент, двете коалиции имаат комотно мнозинство од 108 пратеници во 200-члениот Долен дом.

Речиси половина од Чесите, или 48 проценти, сметаат дека владата треба да ја формира победникот на изборите и дека не е важно дали станува збор за коалиција или индивидуална партија.

За разлика од Земан, неговите претходници на чело на државата, Вацлав Хавел и Вацлав Клаус, го почитуваа ова правило, без разлика на нивните политички симпатии или антипатии,   мандатот за формирање влада да му се довери на некој што може да обезбеди мнозинство во парламентот и да и верува на владата.

Премиерот во заминување Андреј Бабиш нема со кого да формира влада, бидејќи коалицијата „Заедно” вчера повторно го одби, а во Долниот дом влегоа само радикални националисти од партијата Слобода и директна демократија, со кои нема доволно гласови за владата да добие доверба.

Бабиш кажа дека претседателот Земан му ветил дека повторно ќе му го даде мандатот за формирање влада пред во неделата  итно да биде префрлен во болница на Одделот за интензивна нега, каде што пациентите се во критична состојба или се под закана  од откажување на некоја витална функција на организмот, но дека на него е дали ќе го прифати мандатот или ќе замине во опозиција.

Земан веќе беше во болница осум дена до 22 септември, кога Претседателскиот кабинет тврдеше дека е само исцрпен и дехидриран, за на денот на изборите, на 8 октомври, да признае дека со недели претходно тој бил болен и дека во неделата морало да биде пренесен со специјална амбулантна кола во Централната воена болница во Прага.

Во јавноста се шират многу гласини и од неофицијалните медиуми излегуваат информации дека болеста и состојбата на претседателот се далеку полоши отколку што признава Кабинетот на претседателот, со прашања дали ќе може да се врати за да го заврши мандатот, кој истекува на почетокот од 2023 година.

За разлика од неговите претходници, Хавел и Клаус, за чие здравје и болести јавноста навремено беше известувана, Земан им забрани на лекарите да ја објават неговата дијагноза и да дадат информации за неговата здравствена состојба.

Треба да знаете
Последни објави