Search

Публикациите укажуваат дека кај пациентите на респираторни машини смртноста е околу 98 проценти, вели Филипче

 – Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција наведе дека публикациите покажуваат дека смртноста кај пациентите кои се поставени на респираторна машина, како последица од корона вирусот, е околу 98 проценти, наведувајќи дека смртноста во земјава, од околу четири проценти е во просечната светска рамка.

На новинарското прашање во однос на смртноста, земајќи во предвид дека во соседните земји е значително помала, и дали се штитат болничките капацитетите и пациентите се оставаат на домашно лекување, Филипче нагласи дека болничките капацитети се подготвени и за третман на најтешките форми на болеста.

– Болничките капацитети се подготвени, тие не се ни преполнети, подготвени се и за третман на најтешки форми на болеста. Смртноста е некаде во светските рамки, околу четири проценти во нашата земја и во неколку наврати досега коментиравме дека станува збор за болест којашто во онаа најтешка форма, кога се пацинетите на респираторна машина, публикациите укажуваат дека смртноста е околу 98 проценти значи тоа е вирус, болест, којашто ги напаѓа сите органи. Во онаа најтешка манифестација на болеста и покрај сите преземени мерки за жал за пацинетите не може да се направи ништо, истакна министерот за здравство.

Околу тоа дека во медиумите пристигнуваат реакции оти на Онкологија во скопската клиника нема лекови и се чека повеќе часови за третман, односно за тоа како се третираат лицата кои имаат други заболувања, а не корона вирус, Филипче нагласи дека апсолутно одговорно тврди оти нема никакво одлагање или чекање во однос на пацинетите кои треба итно да се третираат.

– Освен хроничните интервенции кои можат да се одложат без компликација на здравствената состојба, согласно мислењето на стручниот колегиум, сето друго се одвива нормално. Ова секако дека е под максимална контрола и во рамките на координацијата којашто ние секојдневно ја имаме со директорите на клиниките. Претпоставувам дека за дел од услугите за кои сега во овој момент нешто повеќе се чека е евентуално заради евалуација дали станува збор за пациенти коишто се позитивни на корона вирусот или не. Апсолутно одговорно тврдам дека нема никакво одлагање или чекање во однос на пацинетите кои треба итно да се третираат, истакна министерот.

На прашањето дали ќе биде затворен одделот за гинекологија во кумановската болница, Филипче одоговори дека во периодот којшто претстои болницата ќе биде целосно функционална.

– Денеска во кумановската болница на увид и разговор со директорката и шефовите на сите одделенија беа државниот секретар во Министерството за здравство и претседателот на Комисијата за заразни болести со цел да се организира работата во оној дел кадешто имаме дијагностицирани нови лица, вработени во болницата, а коишто биле во самоизолација досега заради контакт со претходно дијагностицираните од болницата. Во таа смисла направен е целосен распоред во болницата во Куманово и во периодот којшто претстои ќе биде целосно функционална. Доколку се наметне потреба од растеретување на болницата заради поголем број на пацинети тие ќе бидат упатувани во институциите во Скопје, рече Филипче.

Околу тоа, дали се знаат сите контакти на фризерот од Кочани што почина пред неколку дена како последица од Ковид-19, министерот нагласи оти верува дека интервјута ги дале податоците.

– Доколку некој се сомнева дека е дел од некаков ланец на можен пренос на болеста може во кое било време да го алармира Центарот за јавно здравје, посочи Филипче.

Треба да знаете
Последни објави