Search

Промоции на театарска литература и три престави на 54. МТФ „Војдан Чернодрински”

Со богатата програма 54. МТФ „Војдан Чернодрински” што се одржува во Прилеп, денеска донесе промоции на театарска литература. Во Центарот за култура „Марко Цепенков” се промовирани три нови театарски изданија – „Вероника Самарак” од Антон Панов и „Децата на Мнемосина” од Ацо Гогов, во издание на Центарот за култура „Антон Панов” од Струмица. Промовирана беше и книгата „Во четири очи 2″  на Борче Грозданов.

Приредувачот на двете изданија „Вероника Самарак” и „Децата на Мнемосина”, Ацо Гогов истакна дека издавач на театарската литература е Центарот за култура „Антон Панов” од Струмица, во чии рамки функционира и Народниот театар. Првата книга, „Вероника Самарак” се појави минатата година при одбележувањето на 50 години од смртта на Антон Панов и тоа е неговата втора драма напишана по „Печалбари”, никогаш досега не е печатена, ниту е изведена на театарска сцена.

Второто издание „Децата на Мнемосина” се појави оваа година. Тоа се мини есеи, записи и белешки за она што Струмичкиот театар го имал на репертоарот во изминатите четири години. Тоа е театарски дневник, театарска хронологија, крајно субјективна на човек кој бил вклучен во тие процеси.

Промоторот, театрологот Тодор Кузманов за книгата „Децата на Мнемосина” подвлече дека е мала, злато вредна книшка.

– Станува зборт за кратки прозни творби со конкретна употребна вредност. Тоа се всушност своевидни воведи, програмчиња за премиерите во Струмичкиот театар. Овде се собрани такви записи за 20 премиерни изведби. Откако премирите ќе „пропаднат покрај нас”, тогаш остануваат записите за нив како критичарските, така и овој вид на записи, рече Кузманов.

Промоторот на книгата „Во четири очи 2″, авторот Борче Грозданов истакна дека книгата е продолжение на минатогодишната збирка интервјуа со истоимен наслов.

-Лани беше посветена на бардовите на глумиштето, не само кај нас, но и пошироко, а годинава имам интервјуа со луѓе од мојата генерација, средновечни, се до младата генерација која доаѓа, пред сѐ,  режисери. Тука се Билјана Беличанец и Небојша Глоговац.  Ќе оставам читателите сами да откријат и да се занимаваат со она што директно мислат луѓето од театарот, рече Грозданов.

На промоцијата извадоци од книгата читаа актерите од Прилепскиот театар: Марија Спиркоска Илијеска и Игор Трпчески.

Во рамки на програмата на 54. МТФ „Војдан Чернодрински”, денеска на пладне Театарот за деца и младинци од Скопје на сцената на Прилепскиот театар ја изведе претставата „Том Соер” од Марк Твен, во режија на Деан Дамјановски. Вечер, од 19:30 часот во Прилепскиот дом на културата „Марко Цепенков” е петтата од осумте претстави во конкуренцијата за наградите, „Смртта на Дантон” од Георг Бихнер во режија на Дино Мустафиќ, а во изведба на Албански театар од Скопје. По претставата се разговорите на тркалезната маса на критиката, по кои ќе биде соопштена оцената за претставата од публиката. Од 23 часот, во придружната програма на фестивалот е претставата „Ана и Хана” во режија нас Драгана Гунин, а во продукција на Турски театар од Скопје. Претставата е на сцената од Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински”.

Треба да знаете
Последни објави