Search

По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост дружба на Пендаровски и Темелковски со децата од домот за лица со оштетен вид

По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, денеска претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, заменик министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска, директорот на училиштето, Горанчо Јакимов и претседателот на националниот сојуз на слепите, Жарко Селковски во ДУРДМОВ „Димитар Влахов” се дружеа со децата од Домот, кои на лицата на присутните донесоа насмевки.

„Денеска сме тука за да го одбележиме Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Денес треба да си го поставиме прашањето: дали попреченоста е причина за правењето разлики меѓу нас луѓето? Лично, сметам дека попреченоста не е основа за разлика, туку е основа за сличност бидејќи сите ние сме слични поради една едноставна причина – совршени луѓе не постојат! Ниту еден од нас не е совршен. Затоа, наместо за пречките кај луѓето, денес треба да зборуваме за пречките што постојат во општеството, пречки со кои, за жал, многу наши сограѓани се соочуваат секојдневно. Ќе го спомнам пристапот за инвалидски колички, патеките за лица со оштетен вид, литературата со брајово писмо, преводите за глувонеми. Точно е дека има напредок и дека многу институции и организации ги отстрануваат овие препреки, но останува уште многу работа.Меѓутоа, постои и уште еден, посериозен проблем, а тоа се старите предрасуди и стереотипи. Секој обид за дискриминацијата на лицата со попреченост е нарушување на вроденото достоинство на човековата личност. Овој Меѓународен ден е потсетување на нашата човечка должност да се грижиме за вашите човекови права и слободи и вашата слобода да носите одлуки за вашите животи. Ако сакаме да ја изградиме Северна Македонија како напредна европска држава, сите ние треба да работиме заедно. Кога секој од нас би го дал најдоброто од себе, од своите таленти, идеи, дарби и вештини, тогаш ќе живееме во похумано општество. Тогаш, една по една ќе ги надминуваме сите пречки што постојат во нашето општество за ваша целосна вклученост.

Драги пријатели,

Не случајно, денешниот ден ќе го одбележиме со партија шах. Шахот е многу повеќе од игра. Тоа е способност за носење вистински одлуки и повлекување вистински потези за решавање на сложени проблеми. Нешто слично би требало да биде и политиката – носење мудри одлуки за решавање на проблемите на граѓаните. Пораката што сакаме да ја пратиме денес е дека сите вие треба да имате можност активно да се вклучите во носењето одлуки и креирањето политики, особено оние кои се однесуваат на лицата со попреченост. Само така ќе успееме доследно да ги постигнеме целите за одржлив развој 2030-та. Дел од тие цели е и целосната инклузија за лицата со попреченост како неотуѓив дел од нашето општество. Не е во ред да носиме одлуки за вас без ваше учество и без ваша согласност. Како Претседател, но, пред се како човек, чувствувам должност да направам се што е во рамките на моите можности да ви помогнам. Да апелирам кај надлежните институции, да ги поддржувам вашите иницијативи, да бидам ваш глас таму каде што треба и секаде каде што можам” – кажа претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

„Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов” посветено работи во насока на создавање училиште по мерка на учениците, односно се труди да излезе во пресрет да одговори на специфичните потреби што ги имаат учениците со оштетен вид. Наша генерална насока е унапредување на воспитно образовниот процес преку осовременување и примена на нови начини и методи кои ќе овозможат целосно остварување , односно реализација на личниот потенцијал на секој ученик. Идејата за овој настан произлезе од нашата интенција за следење на современите инкулузивни текови, како во современите опшества така и кај нас, како и од важноста на концептот за социјална инклузија и еднакви можности за сите длабоко свесни дека инкулизијата пред се значи учество. На наше огромо задоволство идејата беше препознаена и прифатена од страна на претседателот на нашата држава и благодарение на неговиот редок сензибилитет, отвореност и достапност денес сме сведоци на еден важен почеток на долготрајно и силно пријателство” – истакна Горанчо Јакимов, директор на ДУРДМОВ „Димитар Влахов”.

На крајот, претседателот Стево Пендаровски од децата од Домот доби новогодишна честитка, подарок книга и уметничка слика. Подароци добија и градоначалникот Филип Темелковски, претседателот на Советот, Дарио Шимиќ и секретарот на Општината, Александар Алексовски.Настанот во училиштето се одржа под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Меѓународниот ден на лицата со инвалидитет/попреченост, 3 Декември официјално беше промовиран во 1992 година со резолуцијата 47/3 на Генералното собрание на Обединетите нации. Одбележувањето на овој ден во државите членки на ООН, има за цел да ги промовира правата, потребите и благосостојбата на лицата со посебни потреби, да ги сруши постоечките предрасуди и да ја зголеми свеста за овие лица да можат без никакви пречки да бидат вклучени во сите сфери на опшествениот развој.

Треба да знаете
Последни објави