Search

По одлуката на Макрон разочарување и во Сараево и во Белград

Со разочарување е примена одлуката од Самитот на европските лидери во Брисел да не се отпочнат преговрите за проширување со Северна Македонија и Албанија, во Босна и Херцеговина која тропа на истата порта и Србија која е веќе во преговарачки процес. Со писмо до лидерите на ЕУ се огласи претседателот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ. Тој напиша дека блокирањето на пристапните преговори за Скопје и Тирана ќе испрати „погрешна порака“ до Сараево: „Работата и тешките одлуки што ќе ги донесеме, едноставно не го произведуваат очекуваниот резултат“. Според него оваа одлука ќе го зголеми и евроскептицизмот во регионот.

Учесниците на белградскиот Форум за безбедност (БСФ) предупредија дека новото одложување ќе биде лош сигнал за целиот регион Западен Балкан. Поранешната министерка за надворешни работи на ЕУ Кетрин Ештон рече дека ЕУ треба да ја награди Северна Македонија за Договорот од Преспа, чие постигнување било многу тешко, и додаде дека во него се вткаени токму вредностите на ЕУ.

Иван Вејвода, соработник на виенскиот Институт за хумани науки, рече дека ЕУ нема штета од почнувањето на преговорите со двете земји, бидејќи полноправното членство не би се случило во следните 7-8 години, дури и ако сè се одвива добро.

„Ако ЕУ решеше да ги почне преговорите, тоа ќе беше само една вест за седмата страница на европските весници, додека за регионот тоа ќе беше многу важна порака“, рече Вејвода.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео неодамна ги посети Северна Македонија и Црна Гора, заклучува Еурактив. Во двете држави Помпео предупреди за ризиците од кинеските инвестиции во деликатните технологии и ги повика лидерите да ги донесат „правилните одлуки“. Тој, исто така, рече дека Пекинг може да нуди мито за да постигнува инфраструктурни зделки на Балканот.

Треба да знаете
Последни објави