Search

Почнува асфалтирањето на втората фаза од штипската обиколница

Почнува асфалтирањето на втората фаза од обиколницата на булеварот „Гоце Делчев” во Штип. Трајче Стојчевски вработен во кабинетот на градоначалникот на Општина Штип информираше дека градежната компанија, која работи на изградба на втората фаза токму од денеска почнува со асфалтирање на улицата од фабриката за чевли „Баргала” до поранешна „Алумина”, а во сабота веќе ќе се асфалтира и новиот голем кружен тек на булеварот „Гоце Делчев”.

Тој апелира внимателно да се вози по булеварот, кој е влез и излез на градот Штип, со оглед на градежната механизација, која работи на обиколницата.

Втората фаза од оваа обиколница чини 10.500.000 денари, а ќе овозможи и поврзување на индустриските зони со населбите „Автокоманда”, „ 8 Ноември”, „Баби”, „Дузлак” и „Сењак”.  Новиот кружен тек, ќе го забави сообраќајот за поголема безбедноста на учениците, студентите и работниците во околните фабрики. Но, се уште комплетно не е завршена првата фаза од обиколница, која почнува од стариот диспанзер и се протега до „Баргала”.

Фирмата „Актива”, која треба да го постави новиот мост на реката Брегалница се уште работи на изработка на железниот мост, а на улицата треба да се постави и уште еден слој асфалт.

МИА веќе информираше дека новата обиколница со првата и втората фаза чини еден милион евра, а ќе има за цел да се реши сообраќајниот хаос на влезот и излезот од Штип, односно на булеварот „Гоце Делчев”, кој што е главната сообраќајна артерија кон индустриските зони, факултетите и Средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин”.

Треба да знаете
Последни објави