Search

Општина Кисела Вода: Нека е честит Националниот ден на Власите

Почитувани припадници на влашката заедница,

Општина Кисела Вода со големо задоволство Ви го честита Вашиот најголем празник 23 Мај, Националниот ден на Власите, денот кога пред точно 115 години, во 1905 година турскиот султан Абдул Хамид II преку империјален декрет во рамки на Отоманската Империја Ве призна како посебен етникум со право да избирате свои градоначалници, да организирате образование и да вршите богослужба во црквите на влашки јазик.

Секоја година на овој ден голем ден за Вас се потсетуваме на делата, интелектуалниот и уметничкиот придонес на Власите во нашата држава и пошироко. Познато е дека Власите со љубов учествувале во градењето на македонската држава, многу војводи и партизани низ бројните окупации и војни застанале во одбраната на вистинските вредности, достоинството на своите соседи, пријатели, роднини и сограѓани Македонци. Едни од најпознатите борци за слобода, кои своите животи ги дале за Македонија се опеаните херои во македонските народни песни, Питу Гули и Елпида Караманди. Во куќата на партизанот Сотир Шута,  во Струга на новогодишната прослава во 1942 година за првпат беше испеана македонската химна „Денес над Македонија се раѓа”. Голем придонес за развојот на уметноста дал познатиот уметник и академик, Никола Мартиноски. Мартиноски кој зад себе оставил многу дела, бил еден од основачите и прв директор на Уметничкото училиште во Скопје. Од македонските преродбеници, најпознат писател и поет, припадник на влашката заедница бил и Рајко Жинзифов. Додека влашките интереси како официјален претставник на Власите во Отоманскиот парламент ги застапувал сенаторот, Никола Бацарија. Покрај ова, Бацарија во Отоманската Империја, во младотурската влада вршел високи функции, бил министер за култура, јавни работи, градежништво и сообраќај.  Во 1913 година, Бацарија во името на Отоманската Империја го потпишал Лондонскиот мировен договор, со кој бил ставен крај на првата балканска војна. За балканската кинематографија најмногу придонеле браќата Милтон и Јанаки Манаки.

Еден од најпознатите пејачи на Балканот и пошироко, Тоше Проески со своите настапи ширум светот успешно и со задоволство ја промовираше македонската песна и држава.

Власите како граѓани на светот, добротвори, уметници, банкари, трговци и носители на важни, највисоки кралски и државни функции низ историјата оставиле голема трага и во градењето на неколку европски држави. Еден од нив е и најпознатиот книжевник, писател, драматург, комедиограф и дипломат Бранислав Нушиќ.  Голем придонес за Австро-Унгарија дале најпознатите и најбогати влашки семејства Сина и Думба. Банкарското семејството Сина ја финансирало изградбата на Ланчениот мост во Будимпешта, кој денес е едно од најубавите обележја на главниот град на Република Унгарија. Додека Никола Думба многу вложувал во развојот на виенското музичко друштво. По негово барање австрискиот композитор Јохан Штраус го создал познатото музичко дело „На убавиот син Дунав”. Во палатата на Думба е сместена најголемата музичка библиотека во Виена.

Денес Власите исто како и своите предци докажано продолжуваат да создаваат и да работат за интересите на својата татковина, во која официјално се уставно признати како посебен етникум.

Нека е честит Националниот ден на Власите.

Треба да знаете
Последни објави