Search

Општина Карпош: Се воведува ново сообраќајно решение за поголема безбедност кај „Млечен”

На потегот околу Основното училиште „Војдан Чернодрински”, во урбаната заедница Владо Тасевски се поставува нова вертикална сигнализација, сообраќајни знаци, со цел да се зголеми безбедноста на учениците и учесниците во сообраќајот.

Со воведување на ЗОНА 30, се ограничува брзината на движење со моторни возила. Наскоро, пред ООУ „Војдан Чернодрински” ќе биде поставен т.н „лежечки полицаец”. Локалната самоуправа работи и на комплетирање на новото сообраќајно решение на овој потег, со тоа што одреден дел од улиците ќе бидат еднонасочни. Примарна цел е зголемување на безбедноста и намалување на сообраќајниот метеж.

Нови сообраќајни режими, како што информираат од општина Карпош, веќе функционираат во Карпош 4 и долж улицата „Прашка”, во Тафталиџе 1. Општина Карпош, во изминатиот период засилено работи на зголемување на сообраќајната безбедност во населбите.

Беа поставени и нови „лежечки полицајци” пред училиштата „Јан Амос Коменски”, „Братство” и „Димо Хаџи Димов”, а најмладите ги мапираа и критичните точки на патот од нивното училиште до домот. Општинските служби се обврзаа да работат на хуманизација на јавниот простор и негово прилагодување на потребите на сите учесници во сообраќајот. 

Треба да знаете
Последни објави