Search

Од утре лекови само со лична карта, квотите заминуваат во историјата

Од утре стартува новата мерка на Фондот за здравствено осигурување со која се укинуваат квотите на лекови, со што граѓаните ќе можат да го подигнат потребниот лек од било која аптека во било кој ден од месецот, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев на заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и вториот директор на ФЗО, Орхан Рамадани.

На овој начин, велат од Владата, ќе се спречи создавање домашни залихи од лекови кај пациентите кои се плашат дека може да го снема нивниот лек, но и ќе се спречат злоупотреби. Како што појаснија денеска од Владата, можни злоупотреби ќе се спречат со поголема контрола. Лековите ќе можат да се подигнат само со лична карта, за Фондот за здравствено осигурување да ја следи потрошувачката во реално време.

-Граѓаните ќе може да добијат лек од која било аптека секој ден и во секое време без разлика дали е почеток или крај на месецот. Нема да имаат потреба да создаваат домашни залихи. Се елиминират турканиците кај лекарите и во аптеките во првите денови од месецот заради препишување рецепти, работата на лекарите ќе се поедностави. Ова подразбира и подобри услови за работа – изјави директорот на Фондот, Ден Дончев.

Тој рече дека новиот електронски систем ќе овозможи еднакви правила за работа за сите аптеки и дека на овој начин се елиминира фворизирање на аптеките и спречување на конкуренција.

Дончев додаде дека постарите лица, децата под 18 годишна возраст и болните кои не се во состојба да подигнат лекови, не треба да стравуваат, бидејќи нивните блиски ќе можат да го подигнат лекот во нивно име.

https://www.facebook.com/zaevzoran/videos/2359279924314265/

-Деценискиот недостаток на лекови на товар на Фондот замина во историјата, граѓаните ќе можат во било која аптека да подигнат лек од позитивната листа на товар на Фондот – посочи тој.

Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека пилот проектот кој летово беше спроведен во некои туристички места поминал успешно.

-Охрид, Струга, Гевгелија, Ресен, Дорјан, тука беше најголем притисок особено летните месеци кога туристите ги трошеа лековите на жителите. Овој пат за време на летните месеци сите имаа пристап до лековите – рече тој.

Премиерот, Зоран Заев, испрати апел до граѓаните, но и до фармацевтите, за совесно работење.

-Укинувањето на квотите е сериозен чекор, до сега според кажаното од грѓаните и преку медиумите меѓу први и петти завршуваа леквите. Заради психичкиот ефект на граѓаните, дека може да снема лекови после 15, па си велат „да направиме домашна аптека за да не останеме без лекарства“. Ја отстрануваме оваа психилошка бариера, ги зајакнуваме контролните механизми бидејќи често се прават кривични дела со рецептите – рече Заев.

Од Владата појаснија дека од сега ќе биде елиминирана горната граница на потрошувачката на лекови во аптеките и ќе нема лимит колку лекови може таа аптека да продаде на товар на Фондот.

Од утре граѓаните кои сакаат да подигнат одреден лек ќе бидат легитимирани кај матичните лекари и во аптеките. Со ова ќе се овозможи следење во реално време на потрошувачката на лекови.

-Фондот ќе овозможи брза рекација каде сметаме дека нешто е нејасно при подигањето лекови кај поединци. Имаме најдено низа подигнати лекови кои се сомнителни, некои ќе се истражуваат внатрешно, а некои преку институциите на системот – рече Дончев.

Од Фондот најавуваат и измени во електронскиот систем следните месеци за да се спроведе оваа мерка според планираното.

-Секако ние се надеваме дека самите контролни механизми ќе го избалансираат тоа ниво, но чекорот е храбар затоа што Фондот реално е стабилен заради зголемените плати коишто носат и зголемени приходи на двата фонда и на пензискиот и на здравствениот.Таа стабилност е загарантирана. По една милијарда отприлика во буџет со ребалансот и државата дополнува во делот на Фондот, додаде Заев.

Појасни дека сега при земањето на лекот граѓанинот ќе се легитимира со лична карта,  а Дончев појасни дека тука нема повреда на правата на пациентите, не се кршат законите,  дека нивните податоци нема да се скенираат, туку само ќе има еден читач на податоци. Додаде дека Фондот веќе располага со податоците на граѓаните, со нивните матични броеви.

Граѓанин ќе може да подогне рецепт доколку му е измината личната карта, октомври ќе биде преоден месец кога системот ќе се става во погон, а дежурен лекар ќе може да издаде рецепт.

На прашањето колку нови лекови има поставено на позитивната листа Филипче рече дека веќе подолго време  Законот за осигурување е во собраниска процедура.

-Требаше да се промени еден дел во однос на ортопедските помагала, еден дел во однос на комисиите коишто се одговорни за промена на позитивната листа на лекови и ние после многу долго време конечно постигнавме една координација и верувам дека во периодот кој што следи веќе ќе помине таа измена на законот со што се менува начинот на којшто се променува позитивната листа на лекови, рече тој и додаде дека по поминувањето на законот ќе се формира комисијата за целосно ревидирање на позитивната листа.

Истакна дека ревизија не значи само ставање нови лекови зашто треба обезбедување на нови буџети тука и ослободување од старите лекови коишто со години се наоѓаат на листата, а веќе во меѓувреме станале премногу евтини.

-Направивме централизирана набавка на скапа биолошка терапија со што на пациентите им обезбедивме над 30 нови молекули и тоа за значајно пониска цена токму заради начинот на набавка повторно после разговорите и преговорите и искуствата коишто ги слушнавме од Светска банка, а ги имплементирала во Црна Гора, рече Филипче.

Најави дека следниот месец ќе има јавна дебата за процесите на јавно-приватно партнерство со цел да се постигне консензус за натамошниот развој на здравствениот систем.

Треба да знаете
Последни објави