Search

Нинџа: Дамовски, Бетмен и Дурловски требаше да добијат 200.000 евра за протестите

Александар Василевски- Нинџа, осуден за „крвавиот четврток“, денеска сведочи во случајот за организацијата на „27 април”, за кој се обвинети Трајко Вељаноски- поранешен претседател на Собранието, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски- порнешни министри во владата на Никола Груевски и Владимир Атанасовски, поранешен директор на УБК.

Василевски ја раскажа неговата верзија за тоа што претходело и што се случувало на денот на крвавите настани во Собранието, откако судот го отфрли барањето на одбраната на обвинетите Нинџа да не сведочи, а судијата Илија Трпков рече дека неговто сведочење е под заклетва, како и дека станува збор за два различни предмети.

Збор пред да сведочи побара и самиот Нинџа и се пожали дека токму поради исказот и сведочењето за предметот со организаторите на 27 априк, околу 2,5 години додека е во притвор е под постојани закани од политички и безбедносни структури. Нинџа се претстави како бивш соработник на УБК со псевдоним Самурај, кој бил ангажиран во 2015 од страна на тогашниот началник во УБК, Горан Грујевски.

– Во 2015 година во екот на политичката криза бев ангажиран од страна на тогашниот директор на БЈБ Горан Груески. Тој ми даде надимак „Самурај”. За него собирав информации од  безбедносен карактер. Во 2016 година, тој беше сменет добив насоки да му бидам очи и уши на Никола Бошковски. Во септември 2016 како директор на УБК беше именуван Владимир Атанасовски. Контакт ми даде Горан Грујоски од него. Пред да стане дирeктор Атанасовски се сретнав со него, заедно беше и Никола Бошковски и Лубо Петрович, од Третата управа. Пред парламентарните избори во декември 2016 година, пред Собранието имаше протести, зборуваа за т.н. Тиранска платформа, двојазичност… Александар Пандов, професорката Ачковска, Братислав Димитров , Никола Сребров, Тони Михајловски, Неделковски, Мирка. Тие добиваа насоки од Кирил Божиновски, Спире Ристовски и Миле Јанакиески да го палат народот, изјави Нинџа.

Според него, ноќта по изборниот ден на 11 декември 2016 функционерите и раководството од ВМРО-ДПМНЕ ја прославувале победата во Скај бар во хотел Русија, но по два дена се поднеле приговори, па се организирале протести пред ДИК за кои насоките доаѓале од ВМРО-ДПМНЕ.

-Кирил Божиновски и Спире Ристовски ги координираа протестите, им даваа насоки на вработени во администрацијата, во градинките. Тие ги насочуваа демонстрантите да влезат насилно во зградата на ДИК, да не убиваат, ама да ги исплашат членовите на ДИК за да не одлучат во корист на приговорите на СДСМ. ДИК ги отфрли преговорите на СДСМ. „27 април“ ќе се случеше порано ако ДИК одлучеше во корист на СДСМ, сведочеше Нинџа, кому Атанасовски му ветил оти ќе го вработи на неопределено, откако победи ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, бидејќи Никола Груевски не направи влада, штабот на ВМРО-ДПМНЕ измислило протести „За заедничка Македонија“ со фиктивни водачи да глумат пред народот дека се водачи.

На повик на Кирил Божиновски и Владимир Атанасовски, отидов во штабот на ВМРО-ДПМНЕ заедно со Никола Бошкоски. Се расправаа за пари, земени од некоја провизија. Требало кај Божиновски да се дадат, за раководството на партијата, а ги зел Александар, портпарол или шеф на кабинетот, кој беше во просторијата. Александар молеше да му дадат време да ги соберат. Се работеше за 200 илјади евра. Парите беа за протестите и за водачите: Борис Дамовски, Бетмен и Игор Дурловски. Тие секој ден доаѓаа да добиваат инструкции што да му зборат на народот и каде да се движат. Со Дамовски доаѓаше жена Иванка, кажа Нинџа.

Протестите, твди Нинџа биле организирани од партијата преку општинските и месните комитети, а вработени во градинки, Водовод и канализација и други институции кои биле членови партијата требало да излезат и да ги поддржат.

Во тој период, рече Нинџа, по наредба на Владимир Атанасовски од УБК, биле следени и функционери од СДСМ, меѓу кои и Зоран Заев и Оливер Спасовски и покрај тоа што бил технички министер за внатрешни работи, како и аналитичарот Алберт Муслиу кој бил наклонет кон СДСМ.

 

Треба да знаете
Последни објави