Search

Музејот на Град Скопје ќе биде целосно реконструиран

Со еден милион евра целосно ќе се реконструира Музејот на Град Скопје, соопшти денеска градоначалникот Петре Шилегов на промоција на монографијата за 70 години постоење на установата.

-За околу еден месец Град Скопје со инвестиција од околу 1 милион евра ќе почне со целосна реконструкција на овој музеј. Да блесне овој објект во полн сјај и сето богатство што го има да биде презентирано на многу поубав начин од тоа што беше досега. Очекувам дека кога во септември-октомври ќе го реотвориме обновениот музеј, скопјани, но и културната јавност од регионот и од Европа ќе биде изненадена и одушевена од новиот изглед на Музејот на Град Скопје, рече Шилегов.

Додаде дека е особено горд што Град Скопје има ваква институција која во своеето работење вклучува повеќе компоненти, остварува научно-истражувачка дејност, го собира, чува, заштитува и презентира богатиот музејски материјал, а покрај тоа што бил домаќин на изложби од познати светски автори, со свои изложби МГС имал и меѓународни гостувања.

Уредници на монографијата „70 години Музеј на Град Скопје 1949-2019)”  се Емил Алексиев и Фросина Зафировска, Таа ги претставува сите значајни предмети и уметнички дела од збирките на музејот, ги опфаќа значајните настани и печатени изданија што се резултат на работата на неколку генерации музејски работници.

-Се чини дека потребата за постоење на оваа институција е претставување на историските случувања врзани за градот, со посебен печат на НОБ. Такви беа времињата, но сето тоа беше базата на која се формираше оваа институција, рече промоторката на монографијата, академик Вера Битракова-Грозданова, која го пофали изданието како извонредно систематизирано во презентирањето на сеопфатната и комплексна дејност на МГС, притоа и богато илустрирано.

По историската фаза, МГС продолжува да се развива во институција што ги опфаќа и спојува археологијата (од првите ископувања на античкиот театар на локалитетот Скупи 1959/1960), така што во публикацијата се обработени и, како што рече Битракова, ремек-делата на Скупи, Говрлево и Таор. Монографијата претставува и дела од средновековната уметност, модерното сликарство и скулптура, етнологијата и богатата колекција на облека од 19 и почетокот на 20 век, ја претставува и богатата издавачка продукција на МГС, како и организирањето  изложби од областа на архитектурата и проектите за Венециско биенале и за Прашко квадриенале.

Институцијата променила повеќе објекти од формирањето во 1949 година – била во зградата на старата телеграфска пошта близу „Св. Спас”, потоа во Ѓорче Петров, а од 1970 е на сегашната локација во некогашната Железничка станица делумно разурната во скопскиот земјотрес.

Седумдеценискиот јубилеј на Музејот на Град Скопје ќе биде претставен и на видеопроекција вечер од 20 часот, а ќе биде отворена и изложба која ќе може да се посети до 12 март.

Треба да знаете
Последни објави