Search

Мората му донесе победа на Јувентус во Киев, Бриж изненади во Русија

Италијанскиот фудбалски шампион Јувентус победи со 2-0 на гостувањето кај украинскиот Динамо во Киев во првиот натпревар од групата „Г” во Лигата на шампионите.

Во отсуство на Кристијано Роналдо, тренерот на гостите Андреа Пирло во напад шанса им даде на Алваро Мората и Дејан Кулушевски. Федерико Киеза, Арон Ремзи и Хуан Куадрадо ја формираа втората офанзивна линија.

Шпанецот Мората ја оправда довербата, што ја доби да се најде во стартната постава пред Пауло Дибала, и постигна двата гола во 46-тата и 84-тата минута.

Така, Јувентус ги осови првите бодови во својата група, во која се и екипите на Барселона и Ференцварош.

Во вториот одигран дуел од денешната програма, Бриж го започна ударно учеството во Лигата на шампионите. Белгискиот тим го совлада Зенит како гостин со 2-1, а победничкиот гол падна во дополнителното време и беше дело на Шарл де Кетелар.

Пред тоа, Емануел Денис го отвори резултатот во 63-тата минута, а во 74-тата, голманот Итан Хорват постигна автогол по ударот на Дејан Ловрен во гредата.

Двете екипи одиграа многу разочарувачко прво полувреме и многу подинамично второ. Русите реагираа по голот и беа близу до целосен пресврт, но наместо тоа испуштија еден бод.

Во следното коло Зенит ќе гостува кај Борусија (Дортмунд), а Бриж е домаќин на Лацио.

Треба да знаете
Последни објави