Search

Меѓународниот кривичен суд нема да го гони Израел за смртоносниот упад на хуманитарните бродови

Обвинителката на Меѓународниот кривичен суд Фату Бенсуда денеска повтори дека нема причина да се води постапка против Израел за смртоносниот упад на хуманитарни бродови кои пловеа кон Појасот Газа во 2010 година.

Одлуката на Бенсуда следи три месеци откако судот по вторпат и наложи да испита дали има основа за постапка против Израел.

– Сè уште нема разумна основа за отворање истрага, изјави Бенсуда.

Таа го повтори ставот дека не располага со „разумна основа” за заклучок за нивото на „сериозност доволна за да се направи прифатлив на суд” и повика случајот да биде „затворен”.

Обвинителката во 2014 година одлучи да не го гони Израел, а тоа го потврди и во 2017 година, кога судот првпат и нареди да го прегледа случајот.

Флота на турската невладина организација ИХХ, блиска до турските власти, пловеше кон тогаш блокираниот појас Газа кога израелските командоси упаднаа на бродовите во меѓународните води.

Во израелскиот напад на бродот „Мави Мармара” беа убиени деветмина Турци, а десетиот подоцна почина од повредите.

Во флотата тогаш имаше осум бродови со вкупно 70 членови екипаж од 14 земји. Нивната цел беше да однесат помош во Газа и да го привлечат вниманието на меѓународната заедница за последиците од израелската блокада.

Треба да знаете
Последни објави