Search

Мала минутажа за играчите голема главоболка за селекторот Ангеловски

Летната пауза привршува и за македонската фудбалска репрезентација, која на почетокот од идниот месец (5 и 9 септември) ќе ги продолжи квалификациите за ЕП-2020 со гостински натпревари во Г-групата, кај Израел и Летонија. Селекторот на „црвено-жолтите“ Игор Ангеловски -Мрме будно следи што се случува со неговите избраници од ростерот кој го создаваше изминативе две години со 23-24 играчи. Она што му создава главоболка на почетокот од новата клупска сезона е тоа што поголем број на репрезентаивни кандидати имаат мала минутажа, или воопшто не добиваат шанса за настап. Покрај тоа се повреди Стефан Ристовски од португалскиот Спортинг, а Ферхан Хасани сеуште нема клупски ангажман. Тие двајца отпаѓаат од конкуренцијата за септемвриските натпревари. Мрме може да биде задоволен што на голема врата се враќа искусниот Иван Тричковски, кој е во гол-форма низ настапита за кипарскиот АЕК Ларнака, а целосно е опоравен Стефан Спировски од унгарскиот Фернцварош. Дарко Велковски доби шанса во Риека…

-Нема да се жалиме. Продолжуваме со тие играчи што се на располагање, а целта ни останува иста, да собираме повеќе бодови за подобар пласман во групата, па што и да не ако ни се укаже шанса  да се пробиеме и до втората позиција која води на завршницата од ЕП. Тоа е тешка, но не и неизодлива патека. Имаме уште шест кола во групата – вели Ангеловски во разговор за 24 инфо.

На ред е меч со Израел во Бершева. Овој натпреавр ќе биде патоказ во кој правец ќе финишираат избраниците на Ангеловски во квалификациската група. Веднаш потоа следува и натпреварот за потврдување на фаворитска улога кај Летонија.

-Израел ќе биде вистински тест. Досега успешно се носевме со фаворитска улога и се надевма дека тоа ќе го потврдиме пак против Летонија. Задоволни ќе бидеме со четири бода од овие две гостувања.

Македонија имаше старт во Г групата каков посакуваше со четири бода од двата воведни дуели со Летонија и Словенија, но направи два домашни киксови со фаворитите во групата Полска и Австрија. Заначително си ги намали шансите за да си го оствари сонот, настап на завршница од ЕП.

-Ако нешто жалам досега во селекторската активност со македонскиот тим е тоа е што доживеавме незаслужен пораз од Полска. Покрај овој меч незаслужено не победи и Италија во минатиот циклус. Ја имавме, а на крајот не само што не ја победивме во Скопје, туку и ремито не го откина. Немам забелеши за тоа на каков начин не совлада Австрија. Не надигра, а така немоќни откако сум селктор сме изгледале уште на пријателскиот дуел со Иран и едно полувреме со Шпанија. Тоа е фудбалот. И понатаму сметам дека имаме квалитетен состав кој може да го изнесе овој товар и да им приреди големо задоволство на приврзаниците на најважната споредна работа – оптимист е Мрме.

„Црвено-жолтие“ покрај редовните квалификации имаат уште една алтернативна патека да стигнат до историски настап на завршница од големите натпреварувања, а тоа е преку Лигата на Нации, за која се резервирани четири места на завршниот турнир од ЕП кој идната година ќе се игра во 13 градови на Стариот континент. Во март идната година Македонија ја очекуваат два натпревари без поправен, полуфинале на домашен терен и евентуално финале на неутрален мегдан за пласман на ЕП. Засега противник во полуфиналето е Косово. Но, со оглед дека соседот добро гази во А групата од квалификациите и ако случајно издржи до крајот во овој ритам и мине низ овој филетер до завршницата како второпласирана селекција во групата, тогаш ривал во полуфиналето од Лига на нациите на „црвено-жолтите“  ќе им биде Азербејџан, кој е аутсајдер во Е групата, засега без освоен бод.

-На два чекори дојдовме од ЕП. Не очекува полуфинале, без разлика кој е ривалот, како домаќини поради подобриот скор во натпреваувањето ќе бидеме и фаворити. Имаме можност да победиме, па после на неутрален терен со подобриот од Белорусија и Грузија да го оствариме двеиполдеценискиот сон – додава македонскиот селектор.

СТОЈАНОВСКИ ЌЕ ДОБИЕ ПОКАНА ЗА ДЕБИ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Уште на стартот од својата селекторска кариера Игор Ангеловски се декларираше дека тешко ќе се влегува и излегува  на одбраниот поширок список со репрезентативни кандидати. Ја почитува својата стратегија, но за новите предизвици Мрме ќе направи отстапка и дебитантска покана подготвува да му испрати на новопечениот интернационалец Влатко Стојановски од францускиот Ним, кој изминатиот викенд го имаше својот прв настап во новата средина. Стојановски е напаѓач, кој на домашната сцена беше прв стрелец во Ренова од каде летово замина на печалба. Покрај Стојановски, можно е конкуренцијата меѓу гол-играчите да биде засилена и со Дарко Чурлинов, најмладиот дебитант во државниот дрес, кој  заигра за првиот тим на бундеслигашот Келн. Списокот со кандидатите за дуелите со Израел и Летонија макеоднскиот селектор ќе го објави на 29 август.

Репрезентацијата се собира во Скопје на 2 септември и веднаш потоа се селеи во Израел од каде експедицијата ќе продолжи за Летонија.

Драган Николовски

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави