Search

Кулушевски и Јаховиќ самите одбраа каде и каква кариера ќе градат

Македонскиот фудбалски селектор Игор Ангеловски – Мрме при гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“, повтори дека новата надеж на италјанскиот повеќекратен првак Јувентус, Дејан Кулушевски, самиот одбрал да игра за Шведска, а не да го носи „црвено-жолтиот“ дрес, иако почна репрезентативна кариера токму во помладите возрасни категории на Македонија.

Кулушевски е роден на 25.април 2000 година во шведската престолнина Стокхолм, а неговите родители потекнуваат од Македонија. Од оваа сезона тој е играч на Јувентус. Челниците на „старата дама“ за услугите на Кулушевски на Аталанта и платија 35.000.000 евра.

-Кулушевски играше за македонската репрезентација до 17 години. Имамв состанок со него и неговиот родител во Охрид, му понудив да игра за сениорската репрезентација на Македонија. Мислеа дека тој предлог е несериозен, но јас бев упорен, им кажав дека ќе ја испратам понудата до Аталанта. Таткото јасно кажа дека синот сака да игра за У19 селекцијата на Шведска, која требаше да настапи на Европското првенство и дека потоа можеме да разговараме. Повторно му гарантирав место во А-репрезентацијата, но добив одговор дека неговата одлука е да игра за Шведска. Како селектор јас го направив тоа што требаше, пред да стане она што е денес му понудив да игра за Македонија. Негово право е да одбере и да донесе одлука според чувствата, повтори Ангеловски.

Запрашан зошто повеќе го нема во државниот тим голгетерот Адис Јаховиќ кој долги години со успех игра во турското првенство, каде сега е член на Анталијаспор.

-Јаховиќ е фудбалер на кого јас како селектор му ја симнав суспензијата, зашто имаше инцидент кај претходните колеги, односно учествуваше во тепачка со Даниел Георгиевски. Јас му дадов можност за поправен, беше во составот за натпреварот со Италија во Торино на кој не влезе во игра, а потоа имавме меч со Лихтенштајн во Струмица во 2017 година. Тогаш дојде кај мене и ми рече дека сака да ја напушти репрезентацијата затоа што мисли дека треба да се посвети на клупскиот фудбал и дека сака да го отстапи местото на помладите. Јас му кажав дека е рано за такво нешто и дека е потребен во репрезентацијата, но ако е тоа негова одлука, мислам дека е погрешна, ама дека ја почитувам. На натпреварот со Лихтенштајн дојде, а во 75. минута откако беа направени замените, своеволно ја напушти клупата и со родителот си замина за Скопје, па објави дека нема да игра за репрезентацијата. На прес-конференцијата му кажав дека му благодарам за тоа што го направил за Македонија, за сите голови и настапи и однос кон сите фудбалери. Зошто не игра во репрезентацијата, треба да се обратат сите кај него. Јас само дадов појаснување, додва Ангеловски на оваа тема.

Треба да знаете
Последни објави