Search

Косовец признал дека бил член на ИСИС, со фалсификуван македонски пасош заминал во Сирија

Дваесет и деветгодишен жител на косовската општина Гнилане признал дека организирал и учествувал во терористички активности како член на ИСИС. Во Сирија стигнал преку Грција и Турција со фалсификуван македонски пасош.

Како што јавува БИРН, косовскиот државјанин Агон Мисини се изјаснил за виновен за обвиненија за тероризам.

Специјалното обвинителство на Косово на 7 ноември покренало обвинение против Мисини, кој бил вратен во Косово од Сирија и кој како член на терористичката организација ИСИС се борел на Блискиот исток, пренесе порталот „Коссев“.

Специјалното обвинителство соопшти дека Мисини го напуштил Косово во јули 2015 година со цел да замине за Сирија. Откако контактирал со приврзаниците на терористичката организација ИСИС, Мисини со автобус отпатувал за Грција во август 2015 година со употреба на фалсификуван македонски пасош како жител на Скопје, од каде што потоа заминал до турската граница.

Во обвинението е наведено дека по доаѓањето во Сирија се приклучил на ИСИС и по тактичко и борбено тренирање активно учествувал во војните во Сирија.

Тој бил уапсен од курдските сили на 26 јули 2017 година, а бил во притвор до април 2019 година кога бил вратен во Косово.

Мисини открил имиња на други членови на ИСИС и пред судот се покаал за делото. Пресудата ќе биде објавена утре.

Треба да знаете
Последни објави