Search

Кипар ги укинува ограничувањата и ги очекува првите туристи

Кипарската влада три недели порано ќе ги укине повеќето ограничувања наметнати поради пандемијата, затоа што стапката на инфекција со вирусот е постојано мала, дури и откако беше укината забраната за заминување во странство пред еден месец.

 

Министерот за здравство Констандинос Јоану изјави дека третата фаза од постепеното укинување на ограничувањата ќе биде завршена на 24 јуни, наместо на 14 јули, како што беше планирано. Од 9 јуни повторно ќе започнат со работа трговските центри, аеродромот, хотелите, баровите и рестораните, летното кино и театрите на отворено. Оттогаш, повторно ќе има спортски натпревари, но без публика, ќе започнат со работа и градинките, детските игралишта, летните училишта и училишните мензи. Казината, училиштата за танцување, спортски сали, аква парковите ги отвораат своите врати четири дена подоцна, на 13 јуни.Ограничувањето за собирање до 10 лица на јавно место ќе остане во сила најмалку до 24 јуни.

Кината и театрите се очекува да бидат отворени на почетокот на август, додека концертите, фестивалите, свадбите, крштевања и прослави ќе бидат дозволени само од 1 септември.

До денес, Кипар објави 952 заразени со коронавирус и 17 смртни случаи.Владата се обидува да ги направи сите подготовки за пристигнувањето на странските туристи, кои носат 13 проценти од бруто-домашниот производ на Кипар, но сега работат само неколку хотели.

Комерцијалните воздушни врски е предвидено да започнат на 9 јуни, првично до аеродромите на 13 земји, вклучувајќи ги Германија, Финска, Грција, Австрија и Израел, кои се избрани поради ниската стапка на инфекција. Патниците ќе треба да покажат здравствени уверенија дека не се заразени со коронавирус.

Кипарските претставници за туризам сметаат дека на 20 јуни може да започне летната туристичка сезона. Тие очекуваат дека тогаш обврската за патниците да имаат здравствени уверенија ќе биде укината, а ќе бидат дозволени летови од уште шест држави.

Кипарската влада се обврза да ги плати сите трошоци за сместување, храна, пијалоци и лекување од Ковид-19, како и семејни трошоци, на секој којшто е позитивно тестиран за вирусот за време на нивниот одмор во Кипар. Пациентите ќе треба само да плаќаат за такси-превозот до аеродромот и да се вратат дома.

Треба да знаете
Последни објави