Search

Златната маска од 500-денарката престојува во Скопје

Меѓу 400 вредни артефакти на изложбата во Археолошкиот музеј со која се одбележува еден век од откривањето на некрополата кај охридско Требениште, македонските граѓани може да ја видат во живо и златната маска која ја гледаат само насликана на банкнотите од 500 денари. Од средината на месецов таа првпат ја напушти матичната поставка во Народниот музеј во Белград и во Скопје ќе остане до крајот на август – до кога ќе гостува и целата изложба по повод стогодишниот јубилеј.

Маската е откриена во 1932 година од проф. Никола Вулиќ од Белград, кој тогаш раководел со втората кампања на истражувањата на требенишката некропола.   Повеќе од две и пол илјади години под слоеви земја во таа гробница биле скриени многу предмети што сега ни сведочат за моќта, богатството и вкусот на требенишките великани, кои во 6 и 5 век п.н.е., во т.н. архајски период, го населувале северниот брег на Охридското Езеро.

Некрополата е еден од најзначајните локалитети на Балканот. Била откриена на 20 мај 1918 година при поправањето на патот меѓу Охрид и Кичево, веројатно за воени потреби. Во градежните зафати бугарските војници користеле камења од околните ниви. На денот кога случајно се наишло на еден од гробовите почнува и разоткривањето на она што за археолозите е сè уште енигма. Затоа што Требениште и денес наместо конечен одговор постојано им отвора нови прашања.

Во случајноста пред еден век среќна околност била што пронаоѓачот – бугарскиот полковник Димитар Мустаков, бил и археолог кој во Санкт Петербург завршил  археологија паралелно со воена академија. Тој ги истражил првите два гроба од некрополата, а потоа, поради војничките обврски, побарал археолози од Софија да ги продолжат истражувањата. Тие први наоди најдени во Требениште се дел од изложбата во Археолошкиот музеј.

Нашиот археолог Перо Арџанлиев, еден од тројцата автори на изложбата (заедно со неговите колеги Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија) кажува дека меѓу сите изложени артефакти вниманието на јавноста најмногу го привлекуваат четирите златни маски т.е. ликовите на непознати владетели втиснати во златна фолија чиј одраз, како што вели, нè одушевува веќе еден век.

-Од нив најрепродуцирана и најпозната е, секако, златната маска откриена во гробот IX. Тоа е маската претставена на банкнотата од 500 денари. Најдена е во гроб на женски покојник и засега е единствената златна маска откриена на локалитетот која ѝ припаѓа на благородничка, за разлика од останатите три златни посмртни маски кои им припаѓаат на требенишките владетели, изјави Арџанлиев за МИА.

Посмртната маска е висока 18.5 и широка 17.5 сантиметри. Како што појаснува Арџанлиев, изработена е од златна фолија во техника на исчукување и по рабовите е украсена со т.н. осумки кои се меѓу најпрепознатливите декорации за требенишката некропола.

Оваа маска и наодите од останатите шест богати гробови што ги открил проф. Вулиќ денес се дел од збирката на Народниот музеј во Белград и за големиот јубилеј првпат се на изложба надвор од таа установа. Покрај неа, во белградскиот музеј се чува и маска најдена во гроб VIII.

Другите две златни маски, откриени во гробовите I и V, денес се дел од збирката на Националниот археолошки институт и Музеј во Софија. Сите четири маски потекнуваат од 6-тиот и почетокот на 5 век п.н.е.

Археологот Арџанлиев вели дека обичајот да се покриваат голите делови на покојникот (дланките и лицето) со златни апликации бил практикуван и во други цивилизации, како Египет, Микена,  култури во Централна и Јужна Америка и во Централна Европа. Целта на тие обичаи била да ги подготви моќниците за живот по смртта односно да ги направи бесмртни или полубогови.

Арџанлиев  нагласува дека покрај ритуалните маски, има и многу други вредни и ексклузивни предмети меѓу 400-те артефакти на изложбата. Изработени се од најразлични материјали – злато, сребро, бронза, фајанс, стакло, килибар…

-Сево ова може да се разбере и почувствува кога ќе се види. Предлагам јавноста да ја посети оваа значајна изложба во Археолошкиот музеј во Скопје и да се увери во убавините и мистериите на Требениште, порачува археологот Арџанлиев.

По престојот во Скопје изложбата, како заеднички проект на три држави, во наредните две години ќе биде претставена и во Белград и Софија, а постои интерес и за гостувања  во други европски градови. Подготвен е и обемен каталог-монографија, како и специјална веб-страница www.trebenishte.com

Треба да знаете
Последни објави