Search

Заев на средба со министерот за надворешни работи на Азербејџан, Мамадиаров, разговараа за укинување на визите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во придружба на заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, на маргините на 74-тото Генерално собрание на ОН оствари средба со шефот на делегацијата и министер за надворешни работи на Азербејџан, Елмар Мамадиаров. Двајцата соговорници на средбата изразија заедничко задоволство од односите меѓу двете земји исполнети со пријателски односи и разбирање.

Премиерот Заев во разговорот со министерот за надворешни работи на Азербејџан изрази поддршка за реформите и дијалогот што оваа земја го остварува во рамките на Акцискиот план за партнерство со НАТО, како и за определбата на Азербејџан да постигне заеднички политички приоритети со Европската Унија. На средбата премиерот Заев ја нагласи и подготвеноста на Владата на Северна Македонија да ги поддржи идеите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, особено во енергетиката со Азербејџан како земја која е партнер на Транс-Јадранскиот гасовод (TAP-Trans-Adriatic Pipeline). Една од првите мерки во таа насока е укинувањето на визите за граѓаните на Азербејџан во наредниот период. Во блиска иднина се очекува да започнат преговорите на двете земји за целосно укинување на визите за куси престои за граѓаните на двете земји.

 

Треба да знаете
Последни објави