Search

Заев и министерот Исмаили во посета на Стоби

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев,  придружуван од министерот за култура Хусни Исмаили и директорката на Управата за заштита на културното наследство Елеонора Петрова, денеска престојуваше во работна посета на Националната установа Археолошки локалитет „Стоби“.

Во рамките на посетата, директорот на Установата, Спасе Перовски, гостите ги запозна со текот на археолошките истражувања кои со поддршка од Министерството за култура се реализираат на нашиот најголем и најзначаен археолошки локалитет, кој годишно е посетен од над 13 илјади посетители и на кој деновиве, за време на археолошките истражувања во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија, беше пронајдена мермерна скулптура  со претстава на богот Дионис.

Министерот за култура во изјавата за медиумите потенцираше дека реализацијата на проектите кои се во рамките на Годишната програма за работа на локалитетот Стоби, како еден од најзначајните споменици од римската и доцноантичката епоха, финансирана од Министерството за култура, се во полн ек.

– Интензивно се работи на истражувањата на комплексот околу Храмот на Изида каде што е пронајдена и мермерната статуа на богот Дионис, потоа на Старата епископска базилика каде што годинава е откриен фрескоживопис со геометриска декорација, а се работи и на проектот за конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Театарот – рече министерот Исмаили.

Тој додаде дека Министерството за култура и во иднина ќе поддржува проекти на НУ „Стоби“ од причини што ова значајно културно богатство, како и сите нови откритија, се од особено значење не само за афирмација и промоција на нашата држава, Република Северна Македонија, туку и за развојот на туризмот.

 

Треба да знаете
Последни објави