Search

Емитер: Како до подобра онлајн-настава со апликацијата ZOOM

Списанието ЕМИТЕР дава свој прилог за подобра онлајн-настава со опширен напис и упатство за инсталација и користење на бесплатната апликација ZOOM.

Прекинот на наставата поради кризната состојба предизвикана од ширењето на коронавирусот наложи потреба за организација на онлајн-настава. Но, најголем дел од училиштата и факултетите немаат ниту платформа ниту претходно искуство во организирањето овој тип настава. Секој се снаоѓа на најразлични начини – споделување содржини и материјали за учење преку веб-страниците на училиштата/факултетите, личните блогови на наставниците или преку групи на Фејсбук, Вибер или Скајп. Но ова е далеку од онлајн-настава, туку повеќе станува збор за неформална и консултативна настава со минимална повратна врска од ученикот/студентот.

Наведените решенија и методи се изнудени импровизации кои се многу далеку од вистинските организирани системи за учење на далечина (Distance Learning Systems) и за е-учење (e-Learning – учење преку интернет и електронска технологија). Таквите системи денес се базираат на посебен софтвер, наречен систем за управувано учење (LMS – Learning Management System), кој овозможува повеќе функции: администрација, документација, следење, известување и испорака на курсеви за едукација, програми за обука или програми за учење и развој. LMS системот е способен да испорачува и да управува со сите видови содржини, вклучувајќи презентации, видеа, курсеви и други документи, да запишува и да води разни видови евиденции, а преку него може и да се спроведуваат тестирања и испити. Станува збор за сложени системи кои имаат висока цена и за кои е потребна соодветна обука на наставниците и учениците/студентите. Според ова, јасно е дека ваквите системи сега ни се недостижни, како поради нивната висока цена, така и поради потребното долго време за нивна имплементација. Затоа одлучивме да побараме нешто што би било реално остварливо во овој момент, а ќе овозможи примена на голем дел од потребите за посодржајна онлајн-настава со повеќе интеракција.

Речиси веднаш размислувањата ги насочивме кон апликациите за видеоконференции и состаноци бидејќи тие нудат најголеми можности за брзо стартување и одржување на онлајн-настава која ќе има многу елементи од вистинската онлајн-настава. Остануваше само да се најде апликација која во својата бесплатна верзија ќе нуди доволно можности. По кратко истражување изборот падна на апликацијата ZOOM која, на речиси сите рангирања за ваков тип на софтвери, се наоѓа на првото или во првите 3 или 5 места.

ZOOM е апликација за видеоконференции и состаноци која е достапна за Mac, Windows, Linux, iOS и Android оперативни системи и за сите уреди – десктоп, лаптоп, таблет и мобилен телефон. Овозможува едноставно одржување на видеоконференција и испраќање пораки и датотеки во реално време, помеѓу различни уреди. Професионалната верзија поддржува до 1000 учесници и 49 видеа на екранот. Притоа, повеќе учесници можат да ги споделат своите екрани истовремено и да даваат коментари и прашања, со што се овозможува поинтерактивен состанок односно предавање. Бесплатната верзија е ограничена на еден домаќин (наставник) со најмногу 100 корисници (ученици/студенти) и времетраењето на состанокот/часот да не е поголемо од 40 минути. Како што гледаме, ограничувањата не се многу строги и не би требало да пречат во изведувањето на онлајн-настава.

Токму затоа оваа апликација стана многу популарна за одржување на онлајн-настава додека трае кризата со коранавирусот и болеста Ковид-19, ја користат многу школи и факултети низ светот, а кај нас, колку што знаеме, почна да се користи на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, Факултетот за ветеринарна медицина и други. За да се надминат почетните проблеми и за да се олесни одржувањето на онлајн-наставата подготвивме напис со упатство за инсталација и употреба на оваа апликација. Написот е достапен на веб-страницата на Емитер на следнава локација https://emiter.com.mk/vesti/18792. На истата локација достапна е и PDF верзија од статијата.

Се надеваме дека оваа статија ќе биде од полза за сите наставници, ученици и студенти и ќе им овозможи квалитетна онлајн-настава со која лесно ќе се совладуваат преостанатите теми од оваа учебна година.

Треба да знаете
Последни објави