Search

Европскиот суд за човекови права ја осуди Русија за неправично судење на физичарот Валентин Данилов

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска ја осуди Русија, оценувајќи  дека  судењето на физичарот Валентин Данилов во 2004 година за издавање на државна тајна, што доведе до негово затворање, било неправично и пристрасно, јави дописникот на МИА.

Седуммината судии на ЕСЧП едногласно оценија дека составот на поротата што го прогласи научникот за виновен имал „објективни проблеми на непристрасност” и дека обвинетиот немал можност да ги испитува сведоците со што било прекршено неговото право на фер судење.

Во 2004 година, Валентин Данилов, познат физичар на чело на Краснојарскиот центар за термодинамика, кој беше осомничен дека открил државни тајни во контекст на соработка со кинески академици беше осуден на 13 години затвор за велепредавство. Данилов наместо тоа тврди дека информациите за кои станува збор се достапни од јавни извори. Тој се пожали во Стразбур на пристрасно и нефер судење.

Во својата одлука, Европскиот суд за човекови права подвлекува дека „четворица од 12 поротници имале дозвола за државна безбедност” и „се сомневаат дека таквата порота можела да биде репрезентативна”. Судот смета дека очигледната „пристрасност” на поротата требало да биде „контролирана” од судија, што било одбиено. Судот, исто така, смета дека неможноста научникот да ги испитува сведоците сериозно ги повредила неговите права.

ЕСЧП заклучи дека Русија го прекршила членот 6 од Европската конвенција за човекови права, гарантирајќи го правото на правично судење. Исто така, ја осуди Русија за нејзиното одбивање да ги обезбеди документите од кривичното судење, спротивно на членот 38 за обврската да ги обезбеди документите потребни за испитување на еден случај. Судот и наметна на Русија обврска за исплата на сумата од 21.100 евра на Валентин Данилов за „морална штета”.

Данилов, кој сега има 72 години, беше ослободен на почетокот на ноември 2012 година.

Треба да знаете
Последни објави