Search

Димитров: Да сум на местото на ВМРО-ДПМНЕ би ми било срам да ги изговорам буквите ЕУ

Во Комисијата за европски прашања денеска се одржа тематска седница посветена на евроинтегративните процеси во Република Северна Македонија по последниот Самит на Европскиот совет, на кој беше одложена одлуката за почеток на преговорите за пристапување на земјава во ЕУ.

Како политичка дрскост  и срам,  министерот за надворешни работи Никола Димитров  ги оцени критиките од ВМРО-ДПМНЕ  за недобивањето датум за преговори со ЕУ, на расправата што почна денеска во собраниската Комсија за европски прашања за неуспехот на Македонија на ЕУ-самитот во Брисел. Димитров го впери прстот во опозициската пратија за неуспехот да се усвои законот за јавно обвинителство, обвинувајќи ги дека барале сериозна политичка интервенција, поточно да кажат кој да суди, кого да суди и кој да го води обвинителство.

– Реалноста сега е подобра од можниот компромис за законот – рече Димитрова.

Тој претходно ги наброја сите пропуштени возови за ЕУ поради заробената држава на ВМРО-ДПМНЕ и последниот во 2013 година, кога Србија доби датум за преговори, а ние не бидејки пратениците на тогашната опозиција насилно беа исфрлени од парламентот.

-Да сум на нивно мести би ми било срам да ги изговорам буквите ЕУ, рече Димитров, забележувајќи дека опозицијата очигледно не е подготвена да дебатира таму каде што не води комисија.

Потсети дека Македонија во 2001 беше во група со Хрватска, доби статус кандидат за членство во 2005, а во 2009 ја доби првата препорака за почеток на преговори.

Тој ги цитираше заклучоците на ЕС од јуни 2018 година и рече дека ЕК го потврди тоа со својот извештај во јуни годинава.

-Но за жал во октомври немаше јасна и суштинска одлука од Советот, рече Димитров и го цитираше францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во Тулуз, според кој сега во ЕУ се дилемите околу прашањето за проширување.

Потсети на изјавите на Хан, Јункер и Туск, кои оценија дека недоделувањето датум за Северна Македонија и Албанија е погрешен чекор и историска грешка.

-Ние сме регион што се граничи со земјите-членки на ЕУ. Не може Унијата да биде цврста и стабилна, ако овој регион не стане суштински дел од Европа, рече Димитров и изрази жалење што сега во самата ЕУ нема толку силна политичка енергија за проширување.

-Тогаш кога имаше политичка енергија ние градевме споменици, додаде Димитров.

Истакна дека законот за јавното обвинителство е последната незавршена работа, иако како што рече тој закон не беше во закучоците на ЕК и подвлече дека при негово носење мора да се почитуваат црвените линии.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ  пред да започнат обраќањата на Османи и Димитров ја напуштија седницата на Комисијата, откако пратеникот Антонијо Милошоски ја оцени денешната седница на Комисијата како владина забава.

Тој повика на дебата за оваа тема утре во Комисијата за надворешни работи и го покани таму да дојде министерот за надворешни работи Димитров.

На седницата беа поканети сите пратеници во Собранието, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на владиниот и невладиниот сектор, академската заедница, медиумите и други.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во отчетот пред пратениците на собраниската Комисија за европски прашања ја оцени како голема неправда и историска грешка одлуката на Европскиот совет да не и додели датум за почеток на преговори на земјава.

Треба да знаете
Последни објави