Search

Денеска одржана јавна дебатаза нацрт текстот на Националната стратегија за развој на земјоделските задруги за периодот 2022-2028 година.

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, во просториите на МЗШВ, учествуваше на јавната дебата за нацрт текстот на Националната стратегија за развој на земјоделските задруги, за периодот 2022-2028 година. Во присуство на претставници на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“, поздравни обраќања имаа министерот Хоџа,г-динот Костантинос Соупилас – програмски менаџер на Делегацијата на Европската Унија во РСМ и г-динот Драган Периќ – проектен менаџер CAREInternational. Презентација на темата одржаа г-дин Какамизи, меѓународен експерт и проф. д-р Емељ Туна, од Факултетот за земјоделски науки и храна.

 

Во изминатиот период Министерството направи сериозен исчекор во развојот и поддршката на задругарството. Потребата за стратегија се наметна како логичен чекор после  успехот на мерката 131, од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, која придонесе да се зголеми интересот кај земјоделците за здружување во задруги. Тие ја препознаа поддршката од државата и реалниот бенефит кој го имаат од членството во задруги, па следствено на ова, секоја година бројот на задруги расте и денес веќе имаме регистрирани 66 задруги. Моделот на здружување на земјоделците е растечки тренд во светски рамки. Македонскиот агросектор успешно го следи овој модел, па потребата за креирање стратегија за уште поголем развој, беше реална потреба.

„Искажувам големо задоволство што оваа национална стратегија се прави за првпат од осамостојувањето на државата, што е само уште една потврда за сериозниот пристап на Министерството.Стратегијата е изготвена во рамките на проектните активности реализирани од проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“, финансиски поддржан од Европската унија, а имплементиран од страна на CARE International и Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП).  Согласно законските предуслови за јавна достапност, стратегијата беше објавена на веб страната на Министерството, со цел да ја повикаме најшироката јавност да го изрази своето мислење,  и да предложи конкретни подобрувања“ изјави министерот Хоџа. Тој се заблагодари на сите учесници во проектот и на поддршката од Европската Унија, за развој на задругарството и повика на конструктивна дебата од која ќе произлезат предлози за подобрување.

Г-динот Костантинос Соупилас – програмски менаџер на Делегацијата на Европската Унија во РСМ, изрази задоволство од напредокот на задругарството како една од политиките за развој на руралните средини и мерка која ќе придонесе да се намали миграцијата село-град.

Проектниот менаџер од CARE, г-динот Драган Периќ  посочи дека најголемиот бенефит од стратегијата ќе биде зголемувањето на членството на задругите.

 

Денешната јавна расправа има цел да ја претстави состојбата во областа на задругарството, стратешките цели (долгорочни и краткорочни) и намерите за развој на земјоделските задруги, среднорочните насоки за развој и поддршка на земјоделските задруги и активностите за нивна реализација, очекуваните ефекти и потребните финансиски средства за спроведување на стратешките приоритети. Стратегијата ги дефинира основните цели и активности за периодот 2022-2028 година, со цел да се создаде правна,  финансиска и институционална рамка за развој на економското здружување на земјоделските стопанства во земјоделски задруги. Целта е развој на одржлив екосистем кој ќе допринесе во поттикнување, препознавање, поддршка и развој на земјоделските задруги во земјава. Таа предвидува мерки и активности кои се групирани во пет стратешки приоритети:

1) Конкурентност и ефикасност: технолошкиот и финансискиот аспект на земјоделските задруги;

2) Ефективност на владините интервенции и јавното учество: идеолошките и политичките аспекти на земјоделските задруги;

3) Земјоделските задруги и општеството работат заедно за одржлив раст: социјалните аспекти на земјоделските задруги;

4) Осврт на климатските промени и еколошката одржливост: еколошките аспекти на земјоделските задруги и

5) Пристап до комуникации, медиуми и дигитализација: медиумските аспекти на земјоделските задруги.

 

Со оглед на тоа што се работи за стратегија на национално ниво, јавната расправа е од клучна важност за да можеме да ги чуеме мислењата на сите заинтересирани страни, особено затоашто, ова е прв пат од осамостојувањењто на државата, да се прави стратегија за развој на земјоделските задруги.

Треба да знаете
Последни објави