Search

Демократскиот сојуз на Косово ги продолжува преговорите за коалициона влада со Самоопределување

– Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) објави денеска дека ќе ги продолжи преговорите со Движењето Самоопределување (ВВ) до постигнувањето конечен договор за формирање на новата влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение по завчерашното прекинување на преговорите на лидерите на двете досега опозициски партии, Иса Мустафа и Албин Курти, ЛДК порача дека е подготвен за договор за заедничко владеење со ВВ, затоа што, како што нагласува, тоа е волјата на граѓаните изразена на парламентарните избори од 6 октомври.

– ЛДК е посветен да ја испочитува и спроведе волјата на граѓаните на Косово изразена на парламентарните избори од 6 октомври. Во тој правец, ние постојано сме изразувале непоколеблива готовност и посветеност за постигнување договор за заедничка влада со ВВ, врз основа на политичката моќ која им ја дадоа гласачите на двете партии, во духот на соработката во правец на заштитата и унапредувањето на државните интереси на Косово, се вели во соопштението на партијата на Мустафа.

ЛДК, која на изборите одржани пред речиси два месеци беше второрангирана партија со 24,5 отсто, односно околу еден процент помалку гласови од победничкката ВВ на Курти, најави дека преговорите за идната влада ќе продолжат многу бргу и порача дека нема да подлегне на јавните притисоци.

– ЛДК работеше и има волја за да постигне избалансиран, одржлив и долгорочен договор. Разговорите меѓу двете партии, ЛДК и ВВ, ќе продолжат со взаемна доверба и разбирање, без да се подлегне на јавните притисоци од ниедна страна и со создавање прикладен и рационален амбиент. Наша заедничка цел е да постигнеме договор чиј приоритет се единствено и исклучиво обврските кои ги презедовме кон граѓаните на Косово за подобрување на нивната состојба, порача ЛДК.

Преговорите меѓу тимовите на двете партии, предводени од нивните лидери, беа прекинати во понеделникот, по што во медиумите се појавија шпекулации дека двете досега опозициски партии не можат да се договорат околу поделбата на владините ресори и за кандидатот за иден претседател на државата, кој треба да биде избран во 2011 година, кога му истекува мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Двете партии јавно соопштија дека целосно ја хармонизирале програмата на идната влада и дека се договориле таа да има 12 министерства, но не ги обзнанија причините за временото прекинување на преговорите, и покрај тоа што, според најавите од двете страни, се очекуваше во понеделникот Курти и Мустафа да потпишат договор за соработка.

Треба да знаете
Последни објави