Search

Во Мароко почнува Конференцијата на ОН за Глобален договор за миграцијата

Претставниците на повеќе од 100 земји, денеска и утре ќе престојуваат во мароканскиот град Маракеш, каде се одржува Конференција на ОН за Глобален договор за безбедна, уредена и регулирана миграција.

На Форумот учествуваат најмалку 100 министри или шефови на влади, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на Грција, Шпанија и Португалија.

На меѓувладината конференција нема да има гласање или потпишување документи, туку  Форумот претставува само официјална фаза од процесот почнат пред 18 месеци за зајакнување на меѓународната соработка со цел да се постигне безбедна, уредена и нехаотична миграција.

Глобалниот пакт за миграција беше усвоен во Њујорк во јули, но само две третини од 190-те земји што го потврдија, сега имаат претставник во Маракеш.

Необврзувачкиот текст ги формулира принципите, како заштита на човековите права, правата на децата, признавање на националниот суверенитет, и набројува предлози за помагање на земјите  кои се соочуваат со миграциите. Предлозите вклучуваат размена на информации и искуства, како и интеграција на мигрантите. Тој забранува произволни притворања, а апсење дозволува  како последно средство.

Италија, Австрија, Бугарија, Унгарија, Полска, Чешка, Словачка, Естонија, Летонија, Швајцарија, Австралија, Израел и Доминиканската република одлучија да не испратат претставник во Маракеш. САД се повлекоа од подготвувањето на Договорот со аргумент дека тој содржи одредби кои се спротивни на имиграциската политика на Доналд Трамп.

И покрај овие одбивања за присуство во Маракеш, специјалниот претставник на ОН за миграција Луиз Арбор изрази увереност во иднината на текстот, кој ќе биде предмет на конечната резолуција на ОН на 19 декември во Њујорк.

Сепак, поборниците за човекови права сметаат дека Договорот е недоволен, особено за прашањето на пристап на мигрантите до хуманитарна помош и основни услуги, како и по прашањето за правата на работниците мигранти.

Треба да знаете
Последни објави