Search

ВМРО-Народна: Да се затворат сите државни и приватни работни места, освен оние кои се клучни за државата

Затворање на сите државни и приватни работни места со исклучок на оние кои се витални за функционирањето на државата, предлага ВМРО-Народна партија, со цел спречување на ширењето на коронавирусот.

За имплементација на оваа предлог-мерка, која би траела од 27 март до 21 април, ВМРО-Народна предлага принцип на споделено финансирање и три чекори од кои: секој вработен ќе биде должен првата седмица да ја земе од својот одмор; за втората седмица сите вработени ќе добијат неплатен одмор од пет дена; третата седмица ќе биде платена како субвенција од буџетот на Македонија.

„На овој начин сметаме дека ќе добиеме 25 дена општ прекин на движењето во Македонија и ќе се приближиме до идеалниот карантин или изолација. Да речеме дека во моментов имаме ирационална состојба, имаме полициски час во 21 часот, а од друга страна имаме полни автобуси и полни фабрики каде што луѓето се во постојан ризик и лесно можат да го пренесат вирусот“, велат од ВМРО-Народна преку соопштение.

Оттука додаваат дека со мерката најмногу ќе ѝ се помогнеме на економијата која во овој момент е во своевиден хаос, а и ќе се спречи отпуштањето на илјадници вработени во Македонија.

Треба да знаете
Последни објави