Search

(Видео) Стоилковски: Македонија е во слободен пад, а на Заев и Пендаровски им се важни само функциите

Стево Пендаровски вели одиме напред, а всушност лаже исто како Зоран Заев. Впрочем и самиот кажа дека се 102,5% исти, рече на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој посочи дека политиката на Зоран Заев која се темели, како што кажа, единствено на лаги, e во насока на заштита на корупцијата и на криминогеноста која извира од редовите на власта.

„Македонија убедливо е на дното во регионот и во Европа, Македонија според индексот на Светска Банка е рангирана на 88-то место, мерења за 2018 година. Падот на листата е за 21 место од рангирањето во 2017 година. Во 2017, Македонија е 67. Во 2016, Македонија беше рангирана на 59 место. Во 2015 година, 55-та“, истакна партискиот портпарол, додавајќи дека најновиот резултат е дело на Заев, а тоа е и трендот што го ветува Пендаровски.

Како што нагласи Стоилковски, според Светска Банка, Македонија токму со политиките на Заев и на Пендаровски е во слободен пад.

„Ниту се грижат за иднината, ниту за младите, ниту за образованието, ниту за развивањето на вештини за работа, ниту за вработување, ниту пак за здравјето на сите генерации“, кажа тој и додаде дека Заев и Пендаровски се грижат само за себе, за функции и за комотен живот врз грбот на граѓаните.

На крајот, Стоилковски нагласи дека на Македонија и треба правда и како што рече, таа е на дофат со победа на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските, а веднаш потоа и на предвремените општи избори.

Треба да знаете
Последни објави