Search

Вардар и Мотор ќе играат меч од СЕХА-лигата, а ќе мислат на обврските во ЛШ

Македонскиот, регионалниот и европскиот ракометен првак во машка конкуренција Вардар продолжува со забрзаниот ритам на одигрување натпреаври. Утре (20.15 ч.) „црвено-црните“ ќе имаат обврска во регионалната СЕХА со украинскиот Мотор Запорожје. Во рамките од 7. коло во групата А, Вардар пред своите навивачи ќе ја пречека екипата која сезонава во регионалното натпреварување му нанесе пораз во Запорожје со 32-31. Новата пресметката во рамките од 7. коло е значајна за двете екипи, зашто решава кој ќе биде прв во групата и потоа ќе ги скокне двата осминафинални натпревари. Вардар и Мотор со по 15 бода се на делба на првото место во групата А.

И покрај проблемите со повредени играчи со кои се соочува Вардар, како релаксација меѓу две обврски во Лигата на шампионите, ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен за да ја обезбеди првата позиција  во групата А и да има привилегии во разигрувањето во одбраната на регионалната титула.

-И Мотор нема да дојде со најсилниот состав. Ние имаме своие планови за овој натпревар, мислам дека ќе можеме да комплетираме екипа и истовремено да одмориме некои од ракометарите. Тоа не значи дека се предаваме пред време, тоа не го правиме со никого, ние одиме на победа на секој натпревар и за нас секои три бода во СЕХА се важни, порача тренерот на Бардар, Едуард Кокшаров во пресрет на новиот предизвик за неговата екипа.

Во Скопје гостинот Мотор ќе допатува без своите најдобри ракометари. Според информациите од Украина на овој дуел нема да има ниту еден ракометар од поискусните во тимот. Заедно со тренерот Никола Степанек тие ќе останат во Украина за да се подготвуваат за дуелот против Монпелје во Лигата на шампионите. Ниту еден од интернационалците во редовите на Мотор Запорожје нема да биде дел од тимот. Овие информации нема да придонесат Вардар да се опушти и во новата регионална обврска да влезе без мотив. И Вардар со мислите ќе биде во ЛШ, каде го очекува реванш со Кјелце по исцрпувачкото реми во Скопје.

– Мотор  ни доаѓа на гости во незгоден момент. Се подготвуваме за тежок натпревар затоа што многу играчи од нашите редови се уморни. Одигравме исцрпувачки меч во сабота со Кјелце, а в сабота не очекува реваншот во Полска. Може да калкулираме некои играчи да одомораат, но целта ни е да победиме, играме пред нашата публика, вели капитенот Стоилов.

Вардар в сабота од 18 часот ќе се соочи со Келце во Полска, а Мотор в недела од 19 часот ќе му гостува на составот на Монпелје.

 

 

Треба да знаете
Последни објави