Search

Австрија и Украина го повикаа Лукашенко да отвори дијалог во Белорусија

Претседателите на Австрија и Украина, Александар ван дер Белен и Володимир Зеленски, денеска го повикаа претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, на дијалог во земјата.

На заедничката прес-конференција во Виена, тие истакнаа дека Владата во Минск треба сериозно да ги сфати „историските предупредувања”, бидејќи секое друго однесување може да предизвика неконтролирани процеси.

– Лукашенко треба да ги најде зборовите што порано ги имаше за својот народ, нагласи Зеленски.
Тој рече дека е важно Лукашенко да го послуша својот народ.

Зеленски, исто така, го повика рускиот претседател Владимир Путин да не се меша однадвор во белоруските прашања.

– Украина не сака да се меша во внатрешната политика на Белорусија и очекува и другите земји да се однесуваат на ист начин. Но, слушам дека некои други земји би сакале да се вклучат, рече Зеленски.
Како што потсети, Украина уште од почетокот посочува дека не смее да се дозволи крвопролевање во Минск.

– Нам не ни е сеедно што се случува таму, затоа што сме соседи, додаде тој.

Ван дер Белен ја оцени ситуацијата во Белорусија како многу „нетранспарентна”.

– Во Австрија убедени сме дека ваквите ситуации мора да се решат без насилство и со дијалог, објасни тој.

На 9 август Лукашенко го освои шестиот мандат. Спорните избори предизвикаа најголеми антивладини демонстрации во 26-годишното владеење на Лукашенко. Фалсификуваните избори, насилствата на протестите и големиот број приведени демонстранти предизвикаа загриженост кај меѓународната заедница. Поради тоа ЕУ не го признава Лукашенко за легитимен претседател на Белорусија.

-За ЕУ е јасно, сметаме дека изборите во Белорусија беа фалсификувани, и Лукашенко не е легитимен претседател на Белорусија, изјави високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел пред европратениците утрово.

ЕУ смета дека најдобро решение е да се повторат изборите во оваа земја под надзор на ОБСЕ. Унијата упати недвосмислена поддршка за демонстрантите во Белорусија, како и за граѓанското општеството.

Европската Комисија мобилизира 53 милиони евра за поддршка на жртвите на насилството на белоруските власти. 

Треба да знаете
Последни објави