Search

Илинденскиот пливачки маратон ќе се одржи по 43. пат во водите на Охридското Езеро

Традиционално, по 43. пат во водите на Охридското Езеро утре ќе се одржи Илинденскиот пливачки маратон, во организација на пливачкиот клуб „Охридски бранови”, а под покровителство на Општина Охрид.

Стартот ќе биде на плажата „Горица”, а ќе се плива до Градското пристаниште во должина од 2,5 километри.

Катерина Стојаноска од пливачкиот клуб „Охридски бранови” денеска на прес-конференција информираше дека пријавени биле 44 пливачи од кои 29 мажи и 15 жени.

– Натпреварувачите ќе бидат поделени во две категории. Првата категорија е до 16 години, а втората од 17 до 35 години. Стартот на првата трка е од 10 часот, додека на втората од 10 часот и 45 минути. За регуларноста на трката ќе бидат ангажирани десет судии, а за безбедноста ќе се грижи Црвениот крст – Охрид, истакна Стојаноска.

Локалната самоуправа, според градоначалникот Кирил Пецаков, години наназад го поддржува настанот и ќе продолжи и во иднина.

– Се надевам дека во наредните години кога ќе го добиеме и затворениот базен ќе учествуваме уште повеќе во градењето на вистински спортски личности, кои ќе постигнуваат врвни резултати во пливањето. Имајќи предвид дека Охрид е туристички град со езеро треба да вложуваме токму во овој спорт, зошто праксата и минатото покажаа дека многу големи имиња излегоа од овој спорт и се надеваме дека во наредниот период со соодветна инфраструктура и соодветни вложувања како од Локалната самоуправа, така и од приватните стопанственици ќе добиваме големи имиња во пливањето и ќе постигнуваме врвни резултати, рече Пецаков.

Треба да знаете
Последни објави