February 23, 2019 20:31
Македонија

Бачев: Бојкотирањето на претседателските избори е во корист на Заев и Ахмети

По вчерашната одлука на Централниот комитет на Единствена Македонија, партијата да учествува на претседателските избори, лидерот Јанко Бачев во отворено писмо до јавноста образложува зошто е потребно, како што вели, масовно излегување на изборите. Според него, бојкотот оди во корист на Зоран Заев и Али Ахмети.

„Собранието на седницата од 9 јануари 2009 со донесувањето на амандманот XXXI на Уставот го намали цензусот на излезност на 40 отсто, односно, претседателот во вториот круг се избира со мнозинство од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 отсто од избирачите. Во Македонија во моментот има 1.806.336 избирачи и уште од сега е јасно дека во вториот круг ќе има излезност од 40 отсто (722.534 избирачи). Пишувам за вториот круг од причина што, било кој кандидат не може да победи во првиот круг оти за тоа е потребно да освои мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно, еден кандидат да освои во првиот круг 903.169 гласови е неизводливо и затоа уште од сега е јасно дека се ќе се решава во вториот круг“, стои во писмото на Бачев.

Според него, со бојкотирањето се овозможува Зоран Заев и Али Ахмети да изнесат на избори во вториот круг 722.534 избирачи што, како што вели, сигурно ќе се случи. Бачев вели дека дури и под претпостава бојкотот да е успешен, тоа повторно е во корист на Заев и Ахмети и можни се две ситуации.

„Прво, да се повтори целата изборна постапка што ќе трате околу 6 месеци а за тоа време и во услови кога мандатот на Ѓорге Иванов завршува на 12 мај, функцијата претседател ја извршува претседателот на Собранието (член 82 од Уставот). Што значи Талат Џафери како претседател на државата на сите ни е јасно и не гледам причина за подетално образложение. Второ, можно е власта кога веќе има двотретинско мнозинство да го промени уставниот модел и да избере претседател на државата во Собранието. Во таков случај многу е веројатно дека ќе се воведе и функцијата заменик претседател и во иднина ќе се ротираат Македонец и Албанец како претседател и заменик претседател“, смета лидерот на Единствена Македонија.

Како што додава тој, битно е во вториот круг да влезе опозициски кандидат со определба веднаш по победата да започне постапка за поништување на договорот за промена на името, двојазичноста, враќање на Македонија на изворните илинденски и асномски традиции.

„Во вториот круг каде ќе има само двајца кандидати, доколку Македонците и сите лојални граѓани масовно гласат, уште од сега сум сигурен дека ќе го победиме кандидатот на Заев и Ахмети“, смета Бачев.

Related posts

Крај на љубовта помеѓу мигрантката Нора од Ирак и Боби од Куманово

24news

За бегството на Груевски под истрага и полицајци

Filip

Палмер: Македонија би можеле да се приклучи на НАТО до средината на 2020-та година

Ivona