Search

Шахпаска-Крстановски: Соработката меѓу МТСП и МОТ продолжува и во иднина

Социјалниот дијалог е во интерес на работниците, работодавачите и Владата. Соработката меѓу Министерството за труд и социјална политика и Меѓународната организација на трудот (МОТ) продолжува и во иднина, констатирале министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и националниот координатор на МОТ Емил Крстановски на денешната средба.

Министерката ги претставила приоритетите на Владата и ја нагласила потребата од натамошна експертска и техничка поддршка и помош од Меѓународната организација на трудот, особено при финализирање на новиот Закон за работните односи.

Крстановски ја нагласил важноста од членувањето во оваа организација за воспоставување на современи стандарди на трудот, кои се и треба да бидат дел од националното законодавство.

На средбата, како што соопшти ресорното Министерство, било истакнато значењето на  Економско – социјалниот совет, како и на локалните економско – социјални совети и поддршката во ратификувањето на конвенциите усвоени од Меѓународната конференција на трудот.

Двајцата соговорници изразиле подготвеност за понатамошна соработка во интерес на работниците, а со тоа и на општеството во целина.

Меѓународната организација на трудот е единствена и специјализирана трипартитна агенција на Обединетите Нации основана во 1919 година. Во рамки на својата структура ги вклучува владите, работодавачите и работниците од 187 држави-членки, меѓу кои и Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави