Search

Цивил: Починати лица и фантоми и натаму фигурираат во Избирачкиот список

Цивил: Починати лица и фантоми и натаму фигурираат во Избирачкиот список

Фантомски гласачи, починати лица со право на глас, лица регистрирани на погрешна адреса. Избирачкиот список е далеку од прочистен, вели граѓанската организација ЦИВИЛ. До нив уште во првиот ден од јавниот увид пристигнале низа пријави за недоследности. Но најголем проблем ,според ЦИВИЛ, е лавиринтот во кој ќе се заглават граѓаните доколку сакаат да го пријават случајот. Затоа организацијата повикува институциите сами да ги средат проблемите во Избирачкиот список  и да не ги шетаат граѓаните од врата до врата.

– Фантомите во Избирачкиот список се вратиле и удобно се сместиле на адресите на граѓанките и граѓаните што се јавија во нашата организација. Добивме и една пријава за починато лице,што сѐ уште фигурира во Избирачкиот список. Во еден случај, граѓанин ни пишува дека веднаш се јавил во ДИК да пријави неколку „ненајавени гости“ на својата адреса. Од таму, како и на претходните изборни процеси, го упатиле да се јави во МВР. Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: секогаш некој друг е одговорен. ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да ја искористат можноста за увид во Избирачкиот список и да ги пријават неправилностите во ДИК, но и на ЦИВИЛ, со цел да се спроведе јавна контрола на процесот, велат од Цивил.

Реакцијата на ЦИВИЛ следува по вчерашниот повик од Државната изборна комисија, граѓаните да извршат увид во Избирачкиот список и доколку забележат проблем самите да го пријават. ДИК, овојпат, нема да прави теренски проверки, а промена на податоци ќе се направи само по претходна пријава.

– Начинот на водење на избирачкиот список е предвиден со Iзборниот законик и ние токму така го водиме според таа методологија. Теренските проверки, имавме основ во избирачкиот список во минатото, пред едни од претходните избори да ги извршиме, тогаш ги извршивме и наодите од тие теренски проверки беа внесени во избирачкиот список. Сега Избирачкиот список се води по онаа методологија која е утврдена во Изборниот законик и која ја објаснив претходно. Со тие податоци и само врз ознова на официјални податоци и официјални документи можеме да вршиме промени во Избирачкиот список, изјави вчера Љупка Гугучевска – портпарол на Државна изборна комисија .

Според последните податоци, во Избирачкиот список се запишани 1 805 707 македонски државјани со право на глас. Но Државната изборна комисија очекува овој број да се промени до 23 август кога се затвора јавниот увид во списокот. Дијаспората за разлика од Македонија ќе гласа еден ден порано односно на 29 септември.Според последните информации од ДИК, 136 македонски иселеници досега се пријавиле да гласаат на референдумот. За да се отвори гласачко место во дипломатско-конзуларните претставништва потребно е да се пријават минимум 10 гласачи.

Треба да знаете
Последни објави