Search

Светска банка ја суспендирa помошта за Судан по државниот удар

Светската банка ја суспендираше помошта за Судан, откако во понеделникот беше извршен државен удар во таа земја.

Земјата, по изолацијата од меѓународните системи за финансирање во текот на тридецениската автократија на автократот Омар ал-Башир, постигна договор со Светската банка во март и доби пристап до помош во износ од две милијарди долари.

„Многу сум загрижен поради неодамнешните настани во Судан и се плашам од драматичното влијание врз социјалното и економското закрепнување и развој на земјата“, рече претседателот на Светска банка Дејвид Малпас во изјавата.

Африканската унија претходно го суспендираше членството на Судан поради, како што се наведува, неуставно преземање на власта, додека САД замрзнаа 700 милиони долари помош за таа земја.

Според медиумите во светот, ненадејниот прекин на приливот на финансиска помош најверојатно ќе донесе тешки последици за нарушената економија на Судан во време кога земјата штотуку почна да застанува на нозе.

Во Судан, цивилните и воените лидери ја поделија власта во последните две години по соборувањето на Омар ал Башир.

Воениот удар и преземањето на власта дојдоа по неколкунеделни тензии меѓу воените и цивилните претставници околу темпото на транзицијата на Судан кон демократија.

Треба да знаете
Последни објави