Skip to main content
Економија

Посета на гувернерката Ангеловска-Бежоска на Банката на Грција за зајакнување на регионалната соработка

03/12/2024  10:09

Делегација на Народната банка, во состав од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова, е во работна посета на Банката на Грција, во рамките на заложбите за унапредување на регионалната соработка со централните банки и утврдување на заедничките економски и финансиски приоритети. За време на посетата, гувернерката Ангеловска-Бежоска оствари средба со својот колега, Јанис Стурнарас, гувернер на централната банка на Грција, а делегацијата се сретна и со заменик-гувернерката, Кристина Папаконстантину и генералниот директор за супервизија и решавање банки, Јоанис Цикрипис.

На средбата беше нагласена заложбата на двете централни банки за продлабочување на соработката преку иницијативи за размена на знаења и искуства и зајакнување на билатералните односи. 

Гувернерката Ангеловска-Бежоска го истакна значењето на регионалната соработка за утврдување на сложените предизвици: „Во денешната, интегрирана светска економија, соработката помеѓу централните банки е од суштинско значење за обезбедување нa финансиската стабилност, поттикнување одржлив раст и регионален напредок. Со продлабочувањето на соработката со Банката на Грција можеме заеднички да делуваме во корист на финансиската стабилност и економскиот развој на нашите земји и регионот”, посочи Ангеловска-Бежоска.

Гувернерот Јанис Стурнарас ги прими на работна средба гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова. „Разговаравме за макроекономските и финансиските случувања во нашите земји, како и за начините за подобрување на соработката во однос на банкарскиот сектор и за заштита на финансиската стабилност во регионот”, рече Јанис Стурнарас.

Оваа работна посета е уште еден доказ за посветеноста на Народната банка на градењето регионални партнерства, придонесувајќи кон стабилноста во регионот на Југоисточна Европа.