Skip to main content
Хроника

Крвава пресметка по кавга во сообраќајот: Ранет маж во главата кај Шишево

07/06/2026  22:10

По расправија поради сообраќаен инцидент, едно лице е рането во главата, а обвинителството бара притвор за двајцата осомничени

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против две лица од Шишево, браќа на возраст од 43 и 44 години, кои се осомничени за обид за убиство како соизвршители.

Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил на 6 јуни во близина на авто-плац во селото Шишево. Настанот започнал по претходна расправија предизвикана од сообраќаен инцидент, кога возилата на братот на оштетениот и на првоосомничениот се допреле со ретровизорите при разминување.

По вербалната расправија, првоосомничениот физички го нападнал оштетениот, фаќајќи го за врат и заканувајќи му се. Ситуацијата тогаш била смирена од двајца очевидци.

Подоцна, оштетениот ја земал сопругата од работа и го повикал својот брат за да провери дали патот е безбеден за враќање. Но, во близина на местото на претходниот конфликт, двајцата осомничени браќа наводно ги чекале скриени во грмушки, вооружени со пиштоли.

Според истрагата, првоосомничениот испукал два куршуми кон нив. Еден од куршумите го погодил братот на оштетениот во пределот на главата, нанесувајќи му тангенцијална повреда. Со пукањето биле доведени во опасност и животите на уште две лица кои се наоѓале на местото.

Јавниот обвинител оцени дека постои опасност осомничените да избегаат, да влијаат врз сведоците или да го повторат делото, поради што до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор за двајцата браќа.