Skip to main content
Македонија

Здружението на инженери достави претставка до РКЕ, бара измена на правилата за наплата на струја

14/03/2025  08:25

Здружението на инженери на Република Македонија упати претставка до Регулаторната комисија за енергетика со барање за измена на Правилата за снабдување со електрична енергија со конкретни решенија за спречување на неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата и елиминирање на дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН.

Се бара да се изврши измена на Правилата за снабдување со електрична енергија и да се воведе месечно отчитување на броилата, како што е предвидено за останатите категории на приклучоци во Тарифниот систем за дистрибуција, или во случај кога броилото не е отчитано, ЕВН да издава фактура од 420 денари со прикажување на 0 kWh потрошена електрична енергија, а откако ќе се изврши реално отчитување, потрошувачот да добие коригирана фактура врз основа на реалната потрошувачка за периодот од претходното до последното отчитување.

    Понатам во соопштението образложуваат дека со воведувањето на блок-тарифите на 1 јули 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) изврши измена на Правилата за снабдување со електрична енергија, предвидувајќи квартално наместо годишно отчитување на броилата. Ваквата одлука доведува до неправедно пресметување на сметките, бидејќи паушалното одредување на потрошувачката може да ги внесе корисниците во повисоки ценовни блокови, со што нивните сметки неоправдано се зголемуваат, овозможувајќи дополнителна заработувачка на ЕВН.

    Паушалното одредување на потрошувачката и внесувањето на корисниците во повисоки ценовни блокови при само ±10% пречекорување на блоковите на годишно ниво може да предизвика значителни разлики во наплатата во однос на реалната потрошувачка, и тоа во износи од:

    • 170 денари за потрошувачи во првиот ценовен блок,
    • 830 денари за потрошувачи во вториот ценовен блок и
    • 8.080 денари за потрошувачи во третиот ценовен блок.

    Во услови кога според пописот, во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН има 915.492 броила и ако 80% од домаќинствата најчесто имаат сметки во рамките на вториот ценовен блок, водејќи се од објавата на ЕВН дека само кај 15% од броилата се врши паушално одредување на потрошувачката, тогаш годишната дополнителна неоправдана заработувачка на ЕВН може да изнесува приближно 2.000.000 евра (износот може да биде многу поголем или помал, но секако е неоправдан).

    Водејќи се од обврската на РКЕ да го заштити правото на потрошувачите на фер наплата според реалната потрошувачка на електрична енергија, ја поднесуваме оваа претставка со која бараме да се изврши измена на Правилата за снабдување со електрична енергија и да се воведе месечно отчитување на броилата, како што е предвидено за останатите категории на приклучоци во Тарифниот систем за дистрибуција, или во случај кога броилото не е отчитано, ЕВН да издава фактура од 420 денари со прикажување на 0 kWh потрошена електрична енергија, а откако ќе се изврши реално отчитување, потрошувачот да добие коригирана фактура врз основа на реалната потрошувачка за периодот од претходното до последното отчитување, посочуваат од Здружението.