
Турција предлага формирање нова меѓународна полициска агенција – „Туркпол“, која би функционирала по примерот на Интерпол и Европол и би ги поврзала полициските структури на туркиските држави.
Предлогот го изнесе турскиот министер за внатрешни работи, Мустафа Чифтчи, на третата средба на министрите за внатрешни работи на Организацијата на туркиските земји (ОТС), одржана во Астана, главниот град на Казахстан.
Според предлогот, во „Туркпол“ би соработувале Турција, Казахстан, Азербејџан, Киргистан и Узбекистан.
„Предложивме формирање на Туркпол, организација слична на Интерпол и Европол меѓу туркиските земји. Казахстан, како и нашите колеги од Азербејџан, Киргистан и Узбекистан, реагираа многу позитивно на овој предлог“, изјави Чифтчи по состанокот.
Но, полициската соработка не била единствената тема на разговорите во Астана. Министрите разговарале и за можноста граѓаните на туркиските држави во иднина меѓусебно да патуваат само со лични карти.
Се разгледува и воведување заеднички шалтери за пасошка контрола на аеродромите, по примерот на системот што функционира за граѓаните на Европската Унија.
„Кога патуваме во европска земја, гледаме дека граѓаните на ЕУ минуваат низ еден шалтер, додека граѓаните на другите земји минуваат низ друг. Работиме на воспоставување сличен систем и меѓу туркиските држави“, рече Чифтчи.
Според него, „Туркпол“, патувањето со лични карти и заедничките шалтери за пасошка контрола се дел од темите што треба да бидат разгледувани во рамките на натамошното продлабочување на соработката меѓу земјите од ОТС.
Чифтчи посочи дека Платформата на полициските академии на туркиските држави, основана во ноември минатата година, веќе активно функционира, а следниот чекор треба да биде формирање Совет за борба против криминалот.
Советот би бил насочен кон заедничка борба против организираниот криминал, трговијата со дрога, тероризмот, нерегуларната миграција, како и нелегалното обложување и коцкање.
Според најавите, формирањето на „Туркпол“ би било следниот чекор по потпишувањето на основачкиот договор за Советот за борба против криминалот.

