
Уште еден предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) заврши без осудителна пресуда. Основниот кривичен суд Скопје донесе одбивателна пресуда во случајот „Тотал“, во кој првообвинет беше новинарот Драган Павловиќ-Латас, откако надлежниот јавен обвинител во целост се откажа од понатамошниот кривичен прогон.
Со ова завршува судската постапка која траеше речиси десет години и помина низ повеќе правни и институционални промени по укинувањето на СЈО и преземањето на предметите од страна на редовното обвинителство.
Случајот беше отворен во октомври 2017 година и се водеше против Драган Павловиќ-Латас како физичко лице и три правни лица од Скопје, под сомнение за сторено кривично дело даночно затајување во периодот од 2008 до 2015 година.
Во текот на постапката предметот неколкупати беше враќан на повторно судење, а на последното рочиште обвинителот го повлече обвинителниот акт по направените анализи на вештачењата и расположливите докази.
Според информациите од Кривичниот суд, обвинителството утврдило дека кај две од обвинетите фирми не постојат законските елементи што го сочинуваат кривичното дело даночно затајување. За преостанатото правно лице и за самиот Драган Павловиќ-Латас, пак, било констатирано дека настапила апсолутна застареност на кривичното гонење.
„Имајќи ги предвид овие факти, судот постапи строго според законските одредби и донесе пресуда со која се одбива обвинението“, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Одбивателната пресуда е донесена на 27 мај 2026 година, а на 25 јуни истата станала правосилна.
Во моментов се изготвуваат решенијата за надомест на трошоците на странките во постапката, а по завршувањето на процесот на анонимизација, текстот на пресудата ќе биде јавно објавен на веб-страницата на судот.
Предметот „Тотал“ беше еден од позначајните случаи покренати од СЈО, а се однесуваше на работењето на фирмите „Тотал маркетинг“ и „Тотал медиа центар“, за кои обвинителството тврдеше дека биле користени за даночно затајување.

