Skip to main content
Македонија

Загрижувачки трендови во Македонија: Се помалку бракови, се повеќе разводи

09/03/2025  00:07

Браковите сѐ почесто завршуваат со развод, а истовремено опаѓа и бројот на новосклучени бракови и раѓања, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Во последниот квартал од 2024 година биле регистрирани 601 развод, што е зголемување од 23,9% во споредба со истиот период лани. Истовремено, бројот на склучени бракови опаднал за 14,7%, со вкупно 2.430 бракови.

Според експертите, една од главните причини за зголемениот број разводи е избрзаното стапување во брак без доволно запознавање меѓу партнерите. Недостатокот на комуникација, различните животни вредности и финансиските проблеми исто така играат клучна улога во распадот на брачните заедници. Социолошките фактори, како што се мешањето на семејствата во брачниот живот и неможноста на младите парови да живеат самостојно, дополнително ги зголемуваат тензиите.

Покрај браковите, статистиката покажува и пад на бројот на раѓања. Во истиот период се родени 3.968 деца, што е намалување од 4,2% во однос на претходната година. Бројот на починати изнесува 5.174 лица, што резултира со негативен природен прираст од -1.206.

Овие трендови укажуваат на сериозни демографски промени, кои во иднина може да имаат значајни социоекономски последици за земјата.