Skip to main content
Хроника

Возило запалено во Маџари, го запалило лице со фантомка

20/06/2026  12:23

Автомобил марка „Фолксваген Широко“ беше запален ноќеска во скопската населба Маџари, на околу еден час пред полноќ, дознава „Скопје1“.

Според информации до кои дојде редакцијата, станува збор за намерно предизвикан пожар. Сторителот пеш се движел кон локацијата каде што било паркирано возилото, а претходно носел фантомка на главата. Непосредно пред да стигне до местото, ја извадил маската и поминал покрај повеќе објекти опремени со видеонадзор.

Автомобилот бил запален во близина на поранешната зграда на А1 телевизија.

За среќа, во инцидентот нема повредени лица, а пожарот не се проширил на околните објекти. Сепак, станува збор за густо населено подрачје, а во непосредна близина на возилото имало и електрична бандера, што дополнително го зголемило ризикот од поголема материјална штета.

Пожарот прв го забележало дете, кое за среќа не било повредено. Настанот предизвикал вознемиреност и стрес кај жителите од околните куќи.

Случајот е пријавен во полиција, која извршила увид на местото. Во тек е истрага за откривање на сторителот, но и на евентуалниот нарачател на палењето.