Skip to main content
Македонија

Левица: Додека заменик директорот на „Македонски шуми” слави роденден на ДПМНЕ, шумската мафија ја пустоши и Јабланица

20/06/2026  12:08

Соопштение за јавност на Левица:

Откако Левица јавно алармираше за масовната нелегална сеча на планината Лопушник и побара одговорност од директорот на ЈП „Македонски шуми” Здравко Трајанов и неговиот заменик Кире Михаилов, наместо одговори, јавноста доби молк. Единствената активност на заменик-директорот Кире Михаилов во меѓувреме беше споделување фотографии од роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ.

Левица денес објавува нови фотографии за масовна нелегална сеча на планината Јабланица. Според локалните жители, речиси секој викенд се врши сеча на немаркирани дрва, додека надлежните институции не преземаат никакви мерки. Наместо заштита на едно од највредните природни богатства во државата, сведочиме на систематско пустошење кое се одвива пред очите на властите.

Особено загрижува фактот што процесот за прогласување на Јабланица за национален парк со години е заглавен во институционалните лавиринти. Очигледно, Јабланица не се прогласува за национален парк поради милионските суми кои ги заработува шумската мафија, пари кои сигурно завршуваат и во џебовите на функционери кои го штитат овој криминал.

Ниту актуелната власт на Мицкоски не покажува волја конечно да ја прогласи Јабланица за национален парк и да стави крај на уништувањето на шумите, иако делот на Јабланица од албанската страна одамна е прогласен за национален парк.

Сите ревизорски извештаи за ,,Македонски шуми” ја покажуваат катастрофалната состојба во ова јавно претпријатие. Наместо професионалци, претпријатието е заглавено со партиски кадар кој врши само административна работа. Наместо зајакнување на капацитетите на шумската полиција, се врши брутална партизација со некомпетентен кадар, додека заменик-директорот Кире Михаилов е посветен на ширење на партиска пропаганда за власта и поттикнување мизогинија и закани кон советнички на Левица.

Левица ќе продолжи да бара оставка од директорите Здравко Трајанов и Кире Михаилов кои, наместо да иницираат сериозна акција против шумската мафија и нелегалната сеча, тие одбираат да молчат и да го аминуваат пустошењето на македонските шуми!