Skip to main content
Македонија

Вонредна контрола во затворот во Струмица – пронајдени мобилни телефони кај затвореници

07/02/2025  22:08

Управата за извршување санкции соопшти дека денеска била спроведена вонредна контрола во Казнено-поправната установа Затвор Струмица. Контролата ја извршиле службени лица од Управата и интервентен вод, при што биле извршени детални претреси во сите спални соби.

MK Summit

„При претресот се пронајдени три мобилни телефони, од кои два биле без познат сопственик, додека за еден е утврдено кој го поседувал“, информираат од Управата.

Одземените телефони се запленети, а против осуденото лице кое поседувало еден од уредите ќе биде покрената дисциплинска постапка.

Оваа контрола е дел од засилените активности за спречување на нелегално внесување и користење на забранети предмети во затворите низ државата.