Skip to main content
Македонија

Во судот покажана снимка од насилство на Стојанче врз Ивана

15/04/2026  12:02

Со прикажување на видео-снимки од безбедносни камери, денеска продолжи судењето против Стојанче Јовановски, кој е обвинет за семејно насилство што, според обвинението, довело до трагичниот исход во кој неговата сопруга го загубила животот.

Обвинителството презентираше снимки направени во близина на судскиот комплекс во Скопје, каде што, според наводите, се случил дел од насилството.

На видеото се гледа како обвинетиот во два наврати ја удира својата сопруга Ивана, при што во еден момент, од силината на ударот, ѝ се поместува главата.

Инцидентот се случувал во текот на денот, на јавно место, во близина на гаражите кај судовите. На снимките е забележано и пристигнување на полициски службеници, кои интервенирале по пријава од страна на сега починатата жена.

Според презентираните материјали, полицијата разговарала одделно со сопружниците, а како сведок на настанот се појавува и Мартин Саздов. По разговорот, полицајците си заминале, иако, како што посочи обвинителството, од однесувањето на жената можело да се забележи вознемиреност.

Обвинителката истакна дека на жената ѝ било укажано дека, доколку повторно пријави, може да се соочи со пријава за лажно пријавување, што отвора прашања за постапувањето на институциите во конкретниот случај.

Инаку, снимките кои беа презентирани во судница се направени неколку часа пред трагичниот настан, во кој жената се фрлила од балкон заедно со детето.