
Во Кампот за обука на вода во Охрид денеска ќе се одржи централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата на која ќе присуствува највисокиот воен и државен врв. Според протоколот, на свеченоста со пригоден говор ќе се обратат претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На свеченоста се очекува да присуствуваат претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието, Африм Гаши, министри во Владата, пратеници во Собранието, генерали во Армијата, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот на Армијата, пензионирани генерали, претставници од локалната самоуправа, претставници на организации со кои соработува Армијата и други гости.
По повод одбележувањето на Денот на Армијата денеска на Гробиштата Бутел во Скопје собраниска делегација во состав: Емилија Ангелова, Оливер Спасовски и Павле Арсоски, ќе положи цвеќе на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните и на вечните почивалишта на претседателот Борис Трајковски, генералот Михаило Апостолски и претседателот Киро Глигоров.
Официјалното одбележување на Денот на Армијата започна вчера во Скопје и Штип. На свеченоста во касарната „Јане Сандански“ во Штип беше истакнато историското значење на 18 август 1943 година, кога на падините на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, првата организирана воена единица на македонската војска.
Свечен собир на припадниците на Армијата и вработените во одбраната вчера се одржа во Министерството за одбрана на кој се обратија министерот за одбрана, Владо Мисајловски, и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски. При тоа министерот Мисајловски упати благодарност до сите вработени нагласувајќи дека нивниот труд, посветеноста и професионалноста што секојдневно ги покажуваат „ни овозможуваат да бидеме една од најорганизираните институции во државата“.
Во касарната „Илинден“ во Скопје, пак, вчера во 19 часот се изврши почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од 6 артилериски орудија од страна на единица на артилерискиот баталјон на Армијата.
За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.
Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана 30 полноправна членка на НАТО.



